Штупун: Можни руски напади низ целата земја
Продолжуваат борбите на истокот од Украина. Зголемени ракетни напади во Херсон на украинските сили. Руската војска, пак, ја засилуваат противвоздушната одбрана. Зеленски со нови разрешувања во државната безбедност...

Украинската армија вели дека постои голема можност за руски ракетни напади на целата територија на Украина. Портпаролот на украинската армија рече дека руските обиди да напредува во насоката Сиверски не успеале.
„Единиците на вооружените сили на руската федерација продолжуваат да вршат засилена заштита на делот од украинско-руската граница. Непријателот истрела минофрлачи и артилерија врз населбите Миколајвка во регионот Черниговски. Непријателските единици продолжуваат со воздушно извидување“, изјави Олександр Штупун, портпарол на украинската армија.
Според Штупун, руската армија претрпела загуби. Украинскиот претседател Володимир Зеленски пак, рече дека и нанеле „значителни“ загуби на руската логистика на окупираните територии.
„Чекор по чекор напредуваме, го нарушуваме снабдувањето за окупаторите, ги идентификуваме и неутрализираме соработниците. Крајниот резултат е очигледен, украинското знаме ќе биде во сите наши градови и села. Тоа е прашање на време“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Руските сили ги засилуваат системите за противвоздушна одбрана во регионот Херсон како одговор на зголемените ракетни напади од страна на украинската армија.
Украинските војници употребија американски хаубици М777 на бојното поле во североисточниот дел на земјата. Артилериските системи се дел од пакетот воена помош на САД за борба против целосната инвазија на Русија.
„Од 2014 година, кога русите ја преминаа границата со Украина, престанавме да бидеме пријателски народ. Сега за мене братска нација е Европа. Кон која одиме, одиме полека, чекор по чекор“, рече украинско воено лице.
Во меѓувреме Зеленски отпушти уште 28 вработени во службата за безбедност на Украина поради незадоволителни резултати во работата.
Марина Ристова
