Воен конфликт

Украина ќе го извезува житото и покрај рускиот напад на Одеса

24.07.2022 13:01

Киев потврди дека продолжуваат техничките подготовки за отпочнување на извоз на земјоделски производи од пристаништата. САД го осуди рускиот ракетен напад, Москва демантира вмешаност. Портпаролката на руското МНР вели-во Одеса беше уништена воена инфраструктура …

Украинските сили постепено напредуваат кон областа Херсон, која беше окупирана од Русија на почетокот на инвазијата на Украина, рече претседателот Зеленски. Руската армија, која го започна својот напад од Крим, ја зазеде областа на почетокот на март. Според украински извори, со руски проектили биле нападнати градот и пристаништето на Одеса на Црното море, по потпишувањето на договорот за обновување на извозот на украинското жито блокирано со месеци.

„Рускиот ракетен напад врз Одеса, на нашето пристаниште, е циничен и беше удар врз политичките позиции на самата Русија. Ја гледаме апсолутната едногласност на светската реакција на овој удар. Окупаторите веќе не можат никого да измамат. Меѓу другото, како резултат на овој удар, оштетена е и зградата на Музејот на уметност во Одеса, нешто што е наследство не само на украинската култура, туку и на културата на Европа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„За жал, има повредени лица, а исто така е оштетена пристанишна инфраструктура. Русија е земја со која е невозможно да се договори нешто, а сите договори со нив не вредат ни за хартијата на која се напишани“, рече Максим Марченко, шеф на администрацијата на регионот Одеса.

„За прв пат имам непријатно чувство. Но фала богу имаме пристап до подрум. Гаража. И слеговме. Јас сум доктор, со пациенти. Докторите слегоа и ги придружуваа пациентите. Во принцип, сè беше мирно. Но, некои се плашеа“, рече жителка на Одеса.

„Летаа проектили, видовме еден кој беше соборен. Потоа полетаа следните, бевме многу исплашени, истрчавме до засолништето за бомби. Беше непријатно, гласно, бучно“, рече жителка на Одеса.

Портпаролката на Министерство за надворешни Захарова рече дека руските проектили ја уништиле воената инфраструктура во Одеса. Украина соопшти дека продолжува со подготовките за рестартирање на извозот на жито од Одеса и покрај ракетниот напад.

САД ја разгледуваат можноста за испраќање американски борбени авиони во Украина. Во меѓувреме, британскиот премиер во заминување Џонсон на социјалните мрежи сподели видео од обуката на украински војници во северен Јоркшир, на кои им се придружил.

Марина Ристова