Сцена

„Охрид колинг“- магнет за младите

26.07.2022 15:08

Викендов Охрид ќе пулсира во ритамот на електронската музика. Ќе се одржи седмото издание на фестивалот „Охрид колинг“ на кој ќе настапат светски познати диџеи. Најавите говорат дека во Охрид ќе допатуваат бројни љубители на овој вид музика од земјава и странство...

Од 29-ти јули до 1-ви август Охрид ќе биде европски центар кога станува збор за електронската музика. На „Охрид Колинг“ ќе настапат големи имиња и хедлајнери како оние помеѓу 2016-тата и 2018-тата година поради што се очекува фестивалот рекордно да биде посетен од љубители на овој вид музика од земјава и светот. Интересот според организаторите е голем за што говори податокот дека има резервации и од Јапонија.

„Ние секоја година се трудиме сепак да донесеме некое име кое не само што никогаш пред тоа не било во Охрид, туку не било и во регионот, па така сега го имаме Тими Трампет кој што е меѓу топ тен на топ листата на диџеи во 2022. Ама интересно е тоа што тој има премиера на Балканот, никаде не бил на Балканот или во овој дел на Европа“, изјави Бобан Милошески- сопственик на продукција.

Охрид и оваа сезона е еден од најатрактивните центри во регионот кој што може да се пофали со музичка забава и концерти од светски ранг вели првиот човек на градот.

„Четиридневното случување значително ја збогатува и туристичката понуда за гостите и туристите кои веќе летуваат тука. Сметам дека оваа современа фестивалска приказна треба да продолжи да живее и да се надградува. Затоа општина Охрид го подржува настанот отстапувајќи ја инфраструктурата“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.  

Овој фестивал како и останатите музички и културни настани всушност ја најавуваат кулминацијата на летната туристичка сезона која по традиција се случува пред и по големиот национален празник Илинден. Поради тоа се очекува градот и сместувачките капацитети да бидат преполни со гости.

 

Сашо Нелоски