ТАЈВАН

Борбена готовност во Тајван, кинеските бродови и авиони ја преминаа линијата на раздвојување

05.08.2022 16:48

Тајванскиот остров во состојба а борбена готовност, летала и бродови под команда на Пекинг ја преминале линијата на раздвојување во Тајванскиот теснец. Вашингтон предупреди-посетата на Пелоси не смее да се користи како изговор за нов воен конфликт во Индопацификот. Кина ја прекинува соработката со САД во повеќе области…

Министерството за одбрана во Тајпеј тврди дека кинеските воени бродови и авиони ја преминале линијата на раздвојување во Тајванскиот теснец. Државниот врв изрази подготвеност за војување доколку биде неопходно, нагласувајќи дека нема да дозволат изолација на островот. Воздухопловната патрола и морската флота се во состојба на готовност, а распоредени се и копнени ракетни системи.

„Кина е злобен сосед, ја покажува воената моќ на портите на нашата земја, ги користи воени вежби за уништување на најфреквентните линии во меѓународната испорака. Нејзините акции се осудени од соседите и од светот“изјави Су Тенгпремиер на Тајван.

„Сите офицери и војници се целосно подготвени да се справат со секаков вид на сложени и тешки ситуации, и постојано ги подобруваат капацитетите за битка во секое време, навремено лансирање на ракети и ефективно уништување на цели. Ќе се бориме според наредбите, ќе ја завршиме мисијата, борбените задачи и ќе пружиме отпор на сите обиди од надворешните сили и сепаратистите за т.н. независност на Тајван“, изјави Рен Јанг, командир на кинеската војска.

Односите во Индо-Пацификот се влошија откако претседателката на американскиот Претставнички дом Пелоси го посети Тајпеј. Кризата е тема и на самитот на АСЕАН во Камбоџа.

„Нема оправдување за овој радикален, непропорционален и ескалирачки воен одговор. Ништо не е сменето во нашата политика за Кина која се базира на Актот за односи со Тајван, три соопштенија и шест гаранции. Не сакаме еднострани промени на статус квото. Не поддржуваме независен Тајван. Очекуваме разликите од двете страни на Теснецот да бидат решени на мирен начин“, рече Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Тензии, но и туристи во Тајванскиот теснец. Воените маневри на Кина – атракција за посетителите.

„Кина е моќна земја и нема да дозволи некој да ја нападне нејзината територија.“

„Ние сме сограѓани, се надеваме дека ќе живееме во мир. Не сакам да видам силен меѓусебен отпор.“

„Народот се вознемири поради посетата на Пелоси. Потоа со воени маневри ја преминавме таканаречената средна линија во Теснецот, а вчера наши проектили го надлетаа Тајван, што ни дава чувство дека нашата татковина е многу силна и ни дава самодоверба дека враќањето на Тајван е неодолив тренд.“

Вежбите треба да траат до недела и се сметаат за најголемите одржани во близина на Тајван, островот кој Пекинг го смета за неделив дел од кинеската територија.

Маја С: Филдишев