Вучиќ: Борбата продолжува
Борбата продолжува, изјави српскиот претседател Вучиќ по разговорите со Ескобар и Лајчак во Белград. Додаде дека ќе продолжат да работат напорно за обезбедување мир. Ескобар уверува дека за Србите на Косово нема да имаат никакви промени од први септември, откако косовската влада ќе го објави почетокот на спроведувањето на мерките за реципроцитет...

Ништо не е сигурно, потребни се многу гаранции и во деновите што следуваат ќе продолжиме да работиме напорно за да го обезбедиме и зачуваме мирот на нашиот народ-изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по состанокот со претставниците на ЕУ и САД, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар. Не е оптимист дека може да се најде решение за регистарските таблички и други важни прашања.
„Ќе ги продолжиме разговорите и верувам дека во деновите што следуваат ќе успееме да постигнеме компромисно решение, барем за мал дел, бидејќи е јасно дека такво решение воопшто не може да се постигне во однос на таблиците и некои поголеми прашања“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар укажа дека разговорите биле тешки, но и дека ја видел желбата да се изнајде решение и да се изгради доверба во процесот. Тој изрази надеж дека Србите на северот на Косово нема да видат промени во нивните животи по 1-ви септември, и дека нема да им бидат потребни дополнителни административни процедури за да стигнат до своите домови.
„Сакаме двете страни да се обврзат дека нема да има насилство“ – порача Ескобар на конференцијата за медиуми во американската амбасада во Белград.
Ескобар потенцира и дека им пренел на двете страни оти очекува прашањата на сите постоечки договори да се применат и најдат на агендата на следниот состанок во Брисел.
„Се надевам дека сме на добра пат“-изјави претставникот на ЕУ за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак. Тој се огласи на твитер истакнувајќи дека го цени искрениот напор на српскиот претседател за поддршката на европското решение и дека разговоритe ќе продолжат.
По неуспешните преговори во Брисел, Лајчак и Ескобар ги посетија Приштина и Белград во обид до 1-ви септември да се постигне договор за регистарските таблички и влезно – излезните документи.
Бојана Крстевски
