ЕУ го отежнува влезот на руските граѓани, но не постигна консензус за целосна забрана
Тимот на МААЕ пристигна во Запорожје во оцена на безбедноста на нуклеарната централата. Гроси-шефот на мисијата, изјави ризиците се многу високи. ЕУ се согласи да им го отежне влезот на руските граѓани во ЕУ, но не успеа да постигне консензус за целосна забрана за влез на туристи…

Министрите за надворешни работи на Европската унија се согласија да им го отежнат влезот на руските граѓани во ЕУ, но не успеа да постигнат консензус за целосна забрана за влез на туристи.
„Ова значи дека ќе биде потешко да се добие виза за ЕУ, уште ќе биде можно, но значително ќе се намали бројот. Многу Руси патуваат за одмор и пазарење како да не беснее војна во Украина. Се договоривме дека нешто мора да се направи“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна политика на ЕУ.
Украинскиот шеф на дипломатијата одлуката ја опиша како полу-мерка. Рече дека визи треба да се издаваат на Русите само од хуманитарни причини или за помош на оние кои јасно се противат на војната на Путин, но потенцира оти токму половичните мерки преземени во однос на Русија довеле до инвазијата на 24-ти.
„Ерата на мирот во Европа заврши, како и времето на полумерки. Ако не ги почитувате границите на вашите соседи, ако не ја почитувате Европа, останете дома и уживајте во Русија. Нема смисла Руси кои го поддржуваат Путин и носат маица со „Z“ да одат и да пазарат во Париз или Берлин“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.
Украинскиот претседател Зеленски е благодарен на оние европејци кои разбираат дека во време на војна, должност на секој нормален човек е да се бори против агресорот.
„Европа е, пред сè, територија на вредности, а не примитивна потрошувачка. Кога граѓаните на земја што сака да ги уништи европските вредностите ја користи за забава или шопинг, во време на војна, тогаш тоа е сосема спротивно на она за што Европа воопшто била обединета“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, оваа одлука ја нарече „ирационална“ и истакна дека Русија ќе одговори на начин кој најдобро одговара на нејзините интереси и ги штити интересите на руските граѓани. За поголемиот дел од нив, пак, визните прашања не се никаков проблем, велат-претпочитаат домашен туризам.
„Не ми треба да одам во странство, летото го поминав на Крим, а кога стана многу жешко, го избрав брегот на Црното Море.“
„Има многу други земји ако Европа не издава визи. Навистина сакам да ги посетам Индонезија и Тајланд. Ќе ја истражуваме Азија.“
„Јас не сум за тоа. Секој сака да патува и да го види светот, за жал очигледно тоа е невозможно сега. Тоа не е многу добра вест.“
„Укинувањето на визата ќе овозможи развој на туристичкиот бизнис во Русија и ќе има позитивно влијание врз нашата земја.“
На терен-борбите продолжуваат. Руските сили го гранатираа Краматорск. Киев тврди за бомбардирања и во Херсон и Николаев. Москва, пак, обвинува дека Украинците повторно ја гранатирале областа Запорожје и дека украинските сили се обидуваат да ја преземат контролата врз нуклеарката.
Мисијата на меѓународната агенција за атомска енергија пристигна во Запорожје во оцена на безбедноста на нуклеарната централата. Директорот на МААЕ, Рафаел Гроси изјави дека ќе се обиде да формира постојана канцеларија во централата, со цел да се избегне евентуална нуклеарна несреќа.
Бојана Крстевски
