Данска погодена од енергетската криза
Данците се предупредуваат дека оваа зима ќе биде постудена и потемна поради штедењето на струјата. Цената на киловат струја значително зголемена во споредба со лани. Данската влада апелира до граѓаните да штедат енергија за да не дојде и до економска криза...

Данска веќе е погодена од енергетската криза. Данците се предупредуваат дека оваа зима ќе биде постудена и потемна поради штедењето на струјата. Цената на киловат електрична енергија значително се зголеми во однос на истиот период лани, па сопствениците на бизниси добиваат огромни сметки за потрошена струја, што прави големи загуби во работењето.
„Минатата година во август плативме сметка од 1.374 евра. Годинава сметката е 5.543 евра. Ова е исто така голема сметка, тоа е голем фрижидер. Иако, очигледно не е најголемата продавница. Се надеваме дека ќе има решение за ова“, вели Ханс Хансен, бакал во Вестенсков (Зеланд).
Данската влада апелира до граѓаните да штедат енергија за да нема затемнување оваа зима. Дел од мерките што се преземаат во Данска, како и во други европски држави, е повик јавните институции да го намалат нивото на греење, да се исклучи сето непотребно осветлување на зградите, како и декоративното и сезонското осветлување.
„Ни претстои зима кога Данска и Европа се изложени на ризик да останат без енергија. Мораме да заштедиме на енергија сега. Во август забележавме петкратно зголемување на цените на електричната енергија и гасот во споредба со истиот период минатата година“, вели Дан Јоргенсен, дански министер за клима, енергија и снабдување.
Енергетската криза во Данска лесно може да доведе и до економска криза што ќе ги погоди граѓаните. Данската премиерка загрижена за зголемената инфлација, ветува пакети помош за најпогодените.
„Инфлацијата е толку висока и толку зафати што планираме да дадеме поголема помош“, рече Мете Фредериксен, премиер на Данска.
За енергетската криза се дискутира и во данскиот парламент,каде партиите имаат свои предлози за нејзино надминување.
„Предлагаме целосно да го намалите данокот за електрична енергија. Тоа ќе направи вистинска разлика овде и сега за сите Данци“, порача Јакоб Елеман-Јенсен, претседател на Либералната партија на Данска.
Данска иако една од побогатите европски држави се надева и на помош од Европската Унија за надминување на последиците од енергетската криза оваа зима.
Ирина Гелевска
