Обединето Кралство

Чарлс Трети и официјално прогласен за нов британски монарх

10.09.2022 14:59

Чарлс Трети официјално прогласен за крал на Обединетото Кралство. Церемонијата се случи во палатата Сент Џејмс во Лондон. Беше придружуван од неговиот син принц Вилијам и неговата сопруга Камила...

Чарлс Трети официјално прогласен за крал на Обединетото Кралство на церемонијата пред Пристапниот совет во палатата на Сент Џејмс во Лондон. На настанот, кој за прв пат се пренесува телевизиски во живо, покрај бројните политичари, присуствуваат и неговиот син принц Вилијам и неговата сопруга, сега веќе кралица-сопруга Камила. Новата премиерка Лиз Трас се придружи во потпишувањето на декларацијата за официјално признавање на Чарлс за крал.

„Мојата мајка беше пример за доживотна љубов и несебична служба. Владеењето на мојата мајка беше неспоредливо и во своето времетраење, посветеноста и лојалноста. Свесен сум за големото наследство и сериозните должности и одговорности кои ми се предадени“, рече британскиот крал Чарлс Трети во своето обраќање.

Протоколите што следуваат по смртта на кралицата Елизабета Втора се познати како „Операција Лондонски мост“. До крунисувањето може да минат и месеци. Новиот крал ќе треба да се справи со бројни предизвици и на домашен, но и на меѓународен терен.

„Мислам дека ќе работи одлично. Заинтересиран е за многу теми и тоа е важно, особено за климатските промени. Имаше многу време да се подготви“.

„Мислам дека Чарлс ќе биде добар. Вежбаше 50 години, треба да е така“.

„Обраќањето на Кралот Чарлс беше признание дека ќе го следи примерот на уставна монархија даден од неговата мајка. Зборуваше како ќе продолжи да ги негува тие принципи, уставните принципи. И говореше за тоа како ќе го следи нејзиниот пример во однос на должностите“, изјави Ед Овенс, историчар и аналитичар на Кралското семејство.

Погребот на Кралицата, според протоколот, треба да биде извршен на десетиот ден од „Операцијата Лондонски мост“. Но бидејќи таа почина во Шкотска, многу од наредните чекори ќе бидат активирани во рамките на операцијата позната како „Еднорог“, официјалното национално животно на овој дел од Обединетото Кралство. Ковчегот со телото на Кралицата е изложен во Единбург. Четири дена пред погребот, ќе биде однесен во Лондон и изложен во Вестминстерската палата.

Маја С. Филдишев