Фудбал

Јаховиќ се прости од македонската фудбалска репрезентација

12.09.2022 19:57

Во периодот на исчекување на новите репрезентативни натпревари во Лигата на нации, особено на соочувањето со Бугарија, повремениот член на црвено-жолтиот тим, Адис Јаховиќ, реши да му каже збогум на националниот дрес...

Во периодот на исчекување на новите репрезентативни натпревари во Лигата на нации, особено на соочувањето со Бугарија, повремениот член на црвено-жолтиот тим, Адис Јаховиќ, реши да му каже збогум на националниот дрес.

По 19 настапи и три гола, нашиот напаѓач со писмо ја извести Фудбалската Федерација на дека не е во можност да одговори на предизвиците во репрезентацијата.

„Чувствувам дека повеќе не сум во можност вистински да одговорам на обврските и сега е време чесно да го соопштам тоа“, напиша Јаховиќ со благодарност за поддршката на селекторот Милевски, на стручниот штаб и на соиграчите.

„Да настапуваш во дресот на македонската репрезентација е исполнување на детскиот сон. Токму затоа воопшто не е лесно да се каже збогум, но сега е време за тоа“, е потенцирано во соопштението на 35-годишниот фудбалер на Гезтепе, кој стрелаше за Македонија во дебито на 14 ноември 2012-та на пријателскиот меч против Словенија дома, со Србија на гости во квалификациите за Светското во 2014-та и против Луксембург во квалификации за Европското првенство во 2016-та.

„Јас секогаш ќе бидам поддршка за тимот и за целата репрезентација. Напред Македонија“, го заврши обраќањето до јавноста Јаховиќ.

Федерацијата, пак, му посака уште многу радосни моменти и изрази жалење што поради здравствени причини беше спречен да и помогне на репрезентацијата во последно време.