Инфраструктура

Доцни изградбата на патиштата

14.09.2022 11:01

Доцни изградбата на патиштата во Југозападниот регион во земјава. Не e ставен во функција делот од автопатот Кичево-Охрид кај село Требеништа, кој беше најавен за август годинава. Од Министерството за транспорт, велат ги завршиле сите потребни постапки, но изведувачот доцни. Иста е состојбата и на патниот правец од Извор до Дебар. Оваа делница требаше да биде завршена во 2015 година, но градежните работи и таму доцнат...

Доцни изградбата на патиштата во Југозападниот регион во земјава. Сè уште не е пуштен во употреба делот од автопатот Охрид-Кичево, трасата Требеништа – Подмолје, која требаше да биде готова во август годинава. Изминува и септември, но градежните работи не се интензивни.

Од Министерството за транспорт, велат ги завршиле сите потребни постапки, но изведувачот доцни.

Сите постапки се завршени од страна на Министерството за транспорти врски. Останува изведувачот да ги реализира градежните работи според динамичниот план. Изградбата на автопатската делница Кичево-Охрид останува приоритет,-информираат од Министерството за транспорт и врски.

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат на делот Требеништа Подмолје останале само уште два неасфалтирани километри.

Пробиени се околу 95% од целата траса, а процентот на реализација на работите на делот кај Требениште-Подмоље е 75%. Имаше оправдани причини кои ја успорија работата, но со засилено темпо се очекува забрзување на процесот, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Иста е состојбата и на патниот правец од Извор до Дебар, градежните работи и таму доцнат.

„Овој дел овде ни одзеде доста време бидејќи е многу длабоко и го миниравме можеби пет-шест пати е минирано за стигнеме до посакуваната нивелација. Така што само овде се задржавме еден месец сигурно“, вели Александар Здравески, надзор на градежните активности.

Автопатот Охрид Кичево е клучната делница која ги поврзува двата туристички центри во земјава. Изградбата започна во 2014 година, според планот требаше да заврши во 2018 година.

Соња Рилковска