Откриена нова масовна гробница
Властите во Киев тврдат дека откриле нова масовна гробница со 440 тела на североистокот на земјата во областа Харков. Според претседателот Зеленски станува збор за цели семејства. Владимир Путин тврди дека сака војната да заврши, но вели Киев сака борбите да продолжат...

Властите во Киев тврдат дека откриле нова масовна гробница на североистокот на земјата во областа Харков, која е повторно под нивна контрола. Повеќе од 440 тела се пронајдени во масовна гробница во градот Изјум. Според претседателот Зеленски станува збор за цели семејства.
„Продолжува ексхумацијата на телата од масовната гробница во близина на Изјум. Прерано е да се зборува за бројот на закопани луѓе таму, истрагата е во тек. Веќе има јасни докази за тортура, понижувачки однос кон луѓето. Постојат и докази дека руски војници, чии позиции биле недалеку од ова место, пукале во закопаните само заради забава. Светот мора да реагира на сето ова. Русија во Изјум го повтори она што го направи во Буча“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Комесарот за човекови права на украинскиот парламент наведува дека повеќе од илјада луѓе биле мачени и убиени во деловите на регионот Харков. Русија без коментар. Владимир Путин одговара дека сака војната да заврши, но дека Киев сака борбите да продолжат. Истакна дека и покрај напорите на турскиот претседател, Зеленски одбива мировни преговори.
„Властите во Киев објавија дека спроведуваат активна контраофанзивна операција. Па, да видиме како ќе се развива и како ќе заврши. Планот на руската специјална воена операција не е предмет на промена. Генералштабот носи оперативни одлуки во текот на операцијата, а главната цел е ослободување на целата територија на Донбас. Тоа продолжува и покрај обидите на украинската армија за контраофанзива“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Тој го обвини западот дека сака да ја распарчи Русија, додавајќи дека испратил војници во Украина за да го спречи тоа. Во меѓувреме, НАТО на годишната конференција во Талин Естонија.
„Сојузниците на НАТО ќе ги поддржуваат украинските воени сили онолку долго колку што е потребно. Зимата доаѓа, но нашата поддршка ќе остане непоколеблива“, рече адмирал Роб Бауер, претседател на воениот комитет на НАТО.
Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, рече дека Путин ќе мора да одговара пред суд за злосторствата во Украина.
Марина Ристова
