Украина

Чешка бара специјален суд за гробницата во Изјум

18.09.2022 13:34

САД ја турка Европа во вооружен судир за да ја ослабне Русија и да ја уништи Белорусија-изјави Лукашенко. Вели-Украина ќе биде срамнета со земја, колапсот е веќе започнат...

Чешка која во моментот претседава со Советот на ЕУ бара формирање „специјален меѓународен суд“ за да се казнат виновниците за убиствата и мачењата во Украина, по откривањето на масовна гробница во Изјум, неодамна ослободениот град во североисточна Украина.

„Тука се држеле воени заробеници, цивили, и се вршеле испрашувања на оние кои порано работеле за локална администрација или полиција или ако некој учествувал во воени операции“, изјави Витали, командант на Националната гарда.

Во гробниците биле пронајдени и деца. Според гувернерот на харковската област, 99 насто од телата покажувале знаци на насилна смрт. Некои жртви загинале при гранатирање и воздушни напади. Масовна гробница беше најдена и во Буча.

Претседателот на Украина Зеленски ги обвини руските сили за мачење на населението во Харков.

„Како и нацистите, русите за своите постапки ќе одговараат на суд. Пронајдени се нови докази за тортура врз погребаните луѓе. Повеќе од 10 комори за мачење се пронајдени во ослободените области во регионот Харков – во различни градови и населени места“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во меѓувреме, жителите полека се враќаат во делови на Харков по контраофанзивата на Украина.

„Градот стана помирен, бидејќи русите прават помалку напади. Сега можам да спијам подобро.“

„Харков се смени. Возот на враќање беше преполн со млади луѓе кои се враќаа дома.“

Меѓународната агенција за атомска енергија објави дека украинската нуклеарна централа Запорожје повторно почнала да добива електрична енергија од националната мрежа.

Марина Ристова