Бугарија

Неизвесно дали поранешниот премиер ќе може да состави Влада

04.10.2022 14:07

ГЕРБ победи на изборите во Бугарија, но и натаму е неизвесно дали поранешниот премиер ќе може да состави Влада. Борисов ќе бара разговори со своите политички ривали. Подготвен е да се откаже и од премиерската позиција. Потпретседателката Јотова смета дека на земјата и се потребни одговорни политичари и стабилна Влада, која ќе ја води земјата низ кризата...

И натаму е неизвесно дали ГЕРБ, која победи на неделните избори ќе може да формира Влада. Лидерот Борисов вели дека е подготвен да разговора со своите политички ривали. Сепак, категорично ја отфрли можноста за коалицирање со ДПС, со партијата на Јанев и со „Преродба“. Подготвен е и да се откаже од премиерската позиција доколку се договори функционална коалиција. Нови избори не се опција.

„ГЕРБ ќе предложи контакт група, преговарачки тимови, ќе покани луѓе со неприкосновен углед на поединечни теми, со цел да се смири ситуацијата. Дури и од „Преродба“ има теми за кои сме на исто мислење. Сметаме дека овој пристап е разумен. Без лидери е многу тешко, но ако сакаат без лидери, нека биде без лидери“, рече Бојко Борисов.

И потпретседателката Јотова смета дека на Бугарија и се потребни одговорни политичари и стабилна Влада, за да ја водат земјата низ кризата. Тврди дека претседателот целосно ќе го почитува Уставот, во однос на термините, свикувањето на Народното собрание, и за консултациите со политичките партии.

„Треба да најдеме можност да формираме Влада, бидејќи на Бугарија во моментов и треба стабилно мнозинство во Парламентот, одлучни луѓе, политичари, сериозни луѓе, писмени, кои треба да ја водат Бугарија низ кризата во наредните месеци“, рече Јотова.

Во однос на изборните резултати, Јотова смета дека нема има политичка сила која е целосно задоволна, но како што рече-Глас на народот е глас Божји.

Милчо Велески