Друштво на ликовни уметници

Изложба „Голем формат“ во Дом на АРМ

04.10.2022 21:39

Во ова издание селектирани се 25 уметници и нивниот различен пристап кон техниките сликарство, скулптура, цртеж, колаж, експериментални техники и скромно учество на графиката. Повикот дозволуваше да се претстават и нови техники и медиуми, уметнички инсталации и излегување во просторни композиции...

Друштвото на ликовни уметници на Македонија од оваа година во својата Годишна програма вметнува нововостановена изложба насловена „Голем формат“. Изложбата ќе се отвори на 05.10.2022 година во Дом на АРМ во Скопје со почеток во 20 часот и ќе трае до 25.10.2022 година.

Важноста на едно дело не ја сочинува единствено важноста на големината и на димензијата, но можноста за изразување во големи формати нуди различен уметнички пристап, уметникот ја бара свежината на идејата и секако внимателно треба да се посвети на реализацијата.

Во ова издание селектирани се 25 уметници и нивниот различен пристап кон техниките сликарство, скулптура, цртеж, колаж, експериментални техники и скромно учество на графиката. Повикот дозволуваше да се претстават и нови техники и медиуми, уметнички инсталации и излегување во просторни композиции.

На изложбата учествуваат Ана Ивановска, Ана Трајковска, Ангелца Стоиљковиќ, Ацо Таневски, Давор Ќешќец, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Зулејха Али, Ивона Велковска, Ирена Паскали, Јасмина Новковска, Љубица Мешкова Солак, Марија Светиева, Мирослава Трујкановиќ, Мице Јанкуловски, Нела Јанковска, Никола Пијанманов, Перо Кованцалиев, Слободан Живковски, Стефан Димовски, Стефан Младеновски, Стефан Хаџи Николов, Тања Таневска, Татјана Манева и Урош Вељковиќ.

Друштвото на ликовни уметници на Македонија наградата за најдобро дело во голем формат ќе му ја додели на авторот Слободан Живковски за делото со наслов „Демократски тоталитаризам“.

Изложбата ќе ја отвори претседателот на ДЛУМ – Јана Манева Чупоска и претседателот на Уметнички совет на ДЛУМ Дијана Томиќ Радевска.