Во 14 региони се нудат ловишта под концесија
Објавен е јавен повик за давање под концесија на дивечот во ловиштата во реоните на Скопје и во повеќе ловни подрачја во земјава. Се работи за 14 ловишта за ситен и крупен дивеч со рок на користење од 10 и 20 години. Изборот ќе се врши со електронско наддавање, а повикот ќе трае до 26-ти октомври годинава…

Од 14-те ловни подрачја кои се нудат на последниот јавен повик најголем број односно 12 се за концесија на ситен, а два се за давање под концесија на крупен дивеч.
Право на учество на јавниот повик имаат сите домашни и странски правни лица кои имаат регистрирано подружница во државава и кои ги исполнуваа условите од тендерската документација.
Изборот за најповолна понуда ќе се изврши по пат на електронско наддавање во Министерството за земјоделство.
Почетната цена ќе биде највисокиот понуден износ за ловиштата утврден по јавното отворање на доставените понуди.
За најповолен понудувач ќе се смета учесникот кој дал последна највисока цена за доделување на користење на дивечот во ловиштето по пат на концесија.
Јавното отворање на понудите ќе се одржи на 26-ти октомври 2022-ра година.
Концесиите на дивечот во ловиштата се доделуваат за период од 10 до 20 години во зависност од тоа дали се работи за ситен или крупен дивеч, а концесионерот е должен одгледувањето, заштитата и користењето на животните да ги врши во согласност со важечките закони и прописи.
Методија Трајков
