Индопацифик

Северна Кореја лансираше уште две балистички ракети

06.10.2022 09:28

Во неполна недела, севернокорејската армија изврши 6 ракетни тестирања. Последните укажуваат на тоа дека Ким Јонг Ун е решен да продолжи со тестовите на оружје насочени кон зајакнување на неговиот нуклеарен арсенал и покрај меѓународните санкции...

Нови провокации во Пацификот. Властите на Сеул тврдат дека Северна Кореја извршила уште две проби на балистички ракети со краток дострел во насока кон Јапонија, откако американскиот носач на авиони се врати во регионот.

„Северна Кореја истрела две ракети со краток дострел. Завчера, ракета со дострел од 4.000 километри насочен кон Гуам, прелета над Јапонија. Гуам е дом на големи стратешки ресурси што ќе бидат распоредени на корејскиот полуостров во случај на вонредна состојба. И Окинава има воено присуство на САД. Овие факти говорат оти целта им беа да ги погодат овие стратешките ресурси“, рече Јун Сук Јеол, претседател на Јужна Кореја.

Во неполна недела, севернокорејската армија изврши 6 ракетни тестирања. Последните укажуваат на тоа дека Ким Јонг Ун е решен да продолжи со тестовите на оружје насочени кон зајакнување на неговиот нуклеарен арсенал и покрај меѓународните санкции. Јужнокорејската одбрана ги засили надзорот и воената готовност во тесна координација со Соединетите држави.

„Северна Кореја продолжува да лансира ракети еден по друг и да прави провокации како дел од самиот севернокорејски развој на балистички ракети и нејзиниот одбранбен план“, рече Мун Хонг Сик, портпарол на Министерството за одбрана на Јужна Кореја.

Загриженост за значителниот напредок на Северна Кореја на ракетната технологија и можниот последователен нуклеарен тест изрази и Јапонија.

„Сметаме дека постои можност Северна Кореја дополнително да го ескалира својот чин на провокации, вклучително и нуклеарен тест. Како одговор на серијата истрелувања на балистички ракети, соработката меѓу Јапонија и Јужна Кореја е исклучително важна“, рече Сеиџи Кихара, заменик главен секретар во кабинетот на Јапонија.

Дебатите во Советот за безбедност завршија без договор за дополнителни мерки против Пјонгјанг. Постојаните членки на Советот Русија и Кина рекоа дека заедничките вежби на САД и Јужна Кореја во регионот ги испровоцирале акциите на Северна Кореја. За американската индо-пацифичка команда лансирањето не претставува непосредна закана, но сепак го истакна „дестабилизирачкото влијание“ на севернокорејската нуклеарна и балистичка ракетна програма.

Бојана Крстевски