Радев очекува функционална и стабилна влада
Бугарскиот претседателот Радев очекува формирање функционална Влада и стабилно мнозинство. Идната недела ќе соопшти кога ќе го свика Собранието. Аналитичарите пак, скептични. Дури прогнозираат и нови избори...

Бугарскиот претседателот Радев најави дека на парламентарните партии ќе им ги обезбеди сите услови според Уставот, за да имаат доволно време за дијалог и разговори за формирање стабилно мнозинство. Сепак, свесен е дека исходот од изборите не остава многу простор за лесен договор и формирање функционална и стабилна влада.
„Сега не е време за кукавичлук и за теснопартиски калкулации. На Бугарија и треба работен парламент, бидејќи на него почива нашиот уставен модел на управување. Време е да преземеме одговорност и за политичка храброст. Резултатот од изборите не дава можност лесно да се коалицира, но луѓето очекуваат дијалог, разбирање, разум и изнаоѓање заеднички решенија и интереси, бидејќи на Бугарија и треба функционален парламент и стабилна влада“, рече Румен Радев, претседател на Бугарија.
Аналитичарите скептични за формирање на нова Влада, а веројатноста за нови избори во Бугарија е голема. Дел од нив сметаат дека главната порака на гласачите до политичарите е дека треба да се променат. Социологот Асланов вели дека само Борисов „правилно ја прочитал лекцијата за изборите“, бидејќи прв зборувал за дијалог, консензус и национален договор.
„Не можам да проценам колку е искрен, но тоа е правилно читање на лекцијата и за компромис. Сите други се чини дека се држат за својот магарешки инает, очигледно не сакаат да прифатат нечија вистина освен нивната, поради што сме во оваа позиција“, рече Јуриј Асланов, социолог.
„Што и да се формира, ако воопшто се формира, ќе биде нешто поразлично од она на што сме навикнале во последните 20-25 години. Останувам скептичен. Овој парламент во никој случај нема да го заврши мандатот“, рече Димитар Ганев, политиколог.
Претседателот Радев идната недела ќе соопшти кога ќе го свика Собранието. Во него влегуваат 7 партии и коалиции. ГЕРБ освои 67 пратеници, „Продолжуваме со промената“-53, ДПС-36, „Преродба“-27, а „БСП за Бугарија“-25 има народни избраници.
Милчо Велески
