Економско – енергетската криза

Граѓаните и стопанството очекуваат помош, незадоволни од владиниот пакет мерки

10.10.2022 14:13

Стопанството очекува помош. Граѓаните се жалат-помошта не е доволна. И од ССМ незадоволни од владиниот пакет мерки. Се најавува дека в среда, на Економскиот совет ќе биде побарано, и работниците да почувствуваат бенефит...

Новиот сет владини мерки за справување со економско – енергетската криза наменет за ранливите категории само привидно ќе го ублажи ценовниот шок. Граѓаните се жалат дека секојдневното покачување на цените тешко се одразува на и онака ниските примања. Дел од оние што ги анкетираше МТВ велат дека не е доволна досегашната помош од Владата. Други пак со поголемо разбирање дека извршната власт прави сè што може.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски ги поздравува мерките наменети за ранливите категории, но сепак реагира бидејќи во овој пакет не се опфатени работниците. Инфлацијата го погодува секого-вели првиот синдикалец.

Димовски не е задоволен ниту со поддршката за стопанството. Тој смета дека бизнис заедницата речиси и воопшто не е помогната од Владата, а затворањето на индустриските капацитети е реалност која ќе предизвика одлив на работната сила во западните држави.

Сетот мерки треба да поминат во Собрание. Премиерот очекува овие законски измени да бидат усвоени до крајот на неделава. 

Марина Т. Стојанова