Куманово: Намалена цената на гасот, но и бројот на корисници
Се намалува цената на гасот. За ноември за метар кубен граѓаните ќе плаќаат 105 денари, за разлика од септември кога еден кубик чинеше 155 денари. Поради високата цена на гас правни и физички лица ги откажаа договорите со јавното претпријатие „Куманово Гас“. Со изедначување на цените со нафтените деривати, од претпријатието се оптимисти дека ќе се вратат и корисниците.

Високата цена на гас изминативе месеци ги принуди граѓаните да бараат друг начин на затоплување, информираат од кумановското претпријатие „Куманово гас“. Сепак од претпријатието се оптимисти дека дел од корисниците ќе вратат. Во моментов цената на гасот е 133 денари, а има најави за намалување во ноември на 105 денари. Откажувањата на корисниците, односно речиси сите основни и средни училишта започнало кога цената достигна 155 денари. Од вкупно 27 правни и 96 приватни лица, активни останале 10 правни и 33 физички лица.
„Со новата цена од 105 денари веќе се изедначивме со цената на нафтата ако земе предвид дека гасот има многу поголема калорична моќ и многу е почист и поеколошки, имаме најавено дека веќе домот за стари лица Зафир Сајто ќе се врати на гас, градинките веќе се вратија на гас, оние што имаат можност“, изјави директорот на претпријатието „Куманово гас-“ Марко Митровски.
Според анализите на претпријатието и тековните цени, гасот е поскап од останатите енергенси. Но, нагласуваат дека ниту едно друго гориво не може да се споредува со затоплувањето на гас. Посочуваат дека располагаат со доволни количини за корисниците до крајот на грејната сезона. Со снабдувачот е потпишан договор во вредност од 32,5 милиони денари.
Елена Георгиевска
