САД - избори

Бајден: Експертите предвидуваа огромен црвен бран, но тоа не се случи

10.11.2022 12:57

Според првичните неофицијални резултати, на изборите во САД, Демократите постигнаа подобар успех од очекуваното. Бајден ја изненади американската јавност, кога изјави дека планира поголема соработка со Републиканците...

Според првичните неофицијални резултати, на изборите во САД, Демократите постигнаа подобар успех од очекуваното. Невада, Аризона и Висконсин се пресудни. Можно е пребројувањето на гласовите да заврши во декември. Американскиот претседател вели дека не планира да ја промени својата агенда и покрај резултатите.

„Нашата демократија е на тест изминатите години, но со своите гласови, американскиот народ уште еднаш докажа дека демократијата е тоа што сме. Додека печатот и експертите предвидуваа огромен црвен бран, тоа не се случи. Демократите имаа силна ноќ и изгубивме помалку места во Претставничкиот дом од сите демократски претседатели од првите среднорочни избори во последните 40 години“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.

Бајден дополнително ја изненади американската јавност, кога изјави дека планира поголема соработка со Републиканците. За резултатите, Конзервативците ја префрлаат вината на поранешниот претседател Трамп. Многу од нив обвинуваат дека Трамп поддржал кандидати кои лесните победи ги претвориле во сопствени трки, а блиските трки во загуби. Поранешниот американски претседател изјави дека овогодишните конгресни избори биле донекаде разочарувачки, но дека Републиканците извојувале голема победа.

„Имаше црвен бран, но тој почна на Флорида и заврши на Флорида. Тоа е навистина сè што добивме. Гласачите му ја дадоа Белата куќа на Џо Бајден во 2020 година и тие излегоа и гласаа повторно за демократите. Гласачите беа анимирани од прашањето за абортусот, а тоа навистина беше на радарот на многу анкети што беа објавени“, изјави Тод Белт, професор на Универзитетот Џорџ Вашингтон.

Контролата на Конгресот ќе биде клучен фактор за одредување на иднината на агендата на Бајден и ќе послужи како референдум за неговата администрација додека нацијата закрепнува од рекордно високата инфлација и загриженоста за правецот во кој се движи земјата.

Маријана Димовска