Дел од капацитетите надвор од функција
Два блока на РЕК Битола, ТЕЦ Неготино, РЕК Осломеј. Дел од капацитетите за производство на струја се надвор од функција. ЕСМ увезува, властите смируваат – нема простор за паника, ремонтите се планирани. Имињата на фирмите кои од слободниот се префрлија на регулираниот пазар не се откриваат...

Додека РЕК Битола го чека трансформаторот за третиот блок, надвор од функција остана и првиот. ЕСМ уверува дека станува збор за плански краткотраен прекин за санација на кондензаторот и на дел од цевководниот систем што ќе трае до понеделник, кога блокот повторно ќе биде ставен на мрежа. Надвор од функција се и РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино, кои се во ремонт. ЕСМ купува струја – според последниот енергетски биланс, биле произведени нешто над 10 илјади мегават часови, а увезени 3 илјади. И покрај ова, властите уверуваат дека нема место за паника оти од декември ќе работат сите капацитети.
„Ако на пазарот на електрична енергија, берзанската цена е пониска од производствената цена не треба да произведувате со повисока цена. Производствената цена на електричната енергија од ТЕЦ Неготино е повисока од берзанската и немаше логика дури и да биде во можност да испорачува електрична енергија“, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.
Притисок врз цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи прават компаниите кои од слободниот се префрлија на регулираниот пазар. Но, властите сè уште не ги откриваат нивните имиња, ниту кажуваат дали ќе бидат казнети.
„Мислам дека со тоа треба да се занимаваат РКЕ и компанијата ЕВН Хоум и затоа ги повикавме сите надлежни органи да постапат согласно законот. Ако некој направил нешто што не е законски се знае каде е одговорот“, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.
Јавните и здравствените установи добиваат струја преку ЕСМ продажба по пониска цена од берзанската. Училиштата и градинките остануваат на регулираниот пазар до крај на април. Образовниот процес не смее да запре поради неспособните општини, изјави Битиќи.
Мартин Пушевски
