Климатски самит „КОП 27“

Фонд за загуби и штети од климатските промени

20.11.2022 13:00

Годишната Конференција за клима „КОП27“ финишира со историски договор за земјите во развој. Речиси 200 земји се согласија да формираат фонд со кој ќе се санираат штетите предизвикани од климатските промени. Делегатите на овој самит не успеаја да ги решат прашањата за температурниот лимит, намалувањето на емисиите на штетни гасови и постепениот прекин на употребата на фосилни горива...

Историски договор на Конференцијата за клима позната како „КОП27“. Ќе се финансираат најсиромашните земји кои се сметаат за најизложени на последиците од климатските промени. Предвидено е и формирање на фонд за санирање на загубите и штетите.

„Одговоривме на повикот, го создадовме првиот фонд наменет за загуби и штета, фонд кој се подготвуваше долго време“, изјави Самех Шукри, претседател и министер за надворешни работи на Египет.

„Цената на пасивноста е далеку поголема од цената на активноста. До 2030 година имаме уште само седум сесии на КОП. Мора да се фокусираме на тој момент и потоа да работиме од таа точка. Пред нас има серија клучни моменти“, изјави Сајмон Стил, извршен секретар за климатски промени при ОН.

Делегатите на овој самит не успеаја да ги решат прашањата за температурниот лимит, намалувањето на емисиите на штетни гасови и постепениот прекин на употребата на фосилни горива. „Јасно е дека ова нема да биде доволно, но потегот е потребен политички сигнал за враќање на изгубената доверба“, порача генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш.

„Нашата планета е сè уште на „интензивна нега“. Мора драстично да ги намалиме емисиите, а тоа е прашање со кое КОП сега не се занимаваше. На светот му е потребен огромен скок за климатската амбиција. Црвената линија која не смееме да ја преминеме е температурниот праг од 1,5 степени. За да се надеваме на тоа, мора масовно да инвестираме во обновливи енергии и да се откажеме од зависноста од фосилни горива“, рече Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

„Работите се многу измешани, многу сум среќен што го добивме овој специјален фонд, огромна промена е. Во исто време, уште од Глазгов немаме напредок во намалувањето на штетата, а требаше да се бориме за тоа. Имаме уште многу работа“, рече Франс Тимерманс, потпретседател на ЕК.

„Не сум целосно задоволна, не постигнавме доволен успех за температурата, а тоа се очекуваше од нас. Од друга страна, среќна сум што одлучивме да имаме фонд за загуби и штети“, истакна Мајса Рохас, миистер за животна средна на Чиле.

Во споредба со 19. век, светската температура е повисока за околу 1,1 Целзиусов степен, а количеството на јаглерод диоксид во атмосферата е зголемено за 50%. Научниците предупредуваат – доколку не се преземат мерки, глобалното затоплување ќе резултира со катастрофални топлотни бранови, зголемени нивоа на морињата и изумирање на многу животински и растителни видови.

Маја С. Филдишев