Зеленски: Русија не најде начин да нѐ скрши и нема да го најде

25.11.2022 13:11

Светот ќе плаќа висока цена со години ако му дозволи на Путин да победи. Алијансата ќе продолжи со силна поддршка во одбраната на Украина, изјави првиот човек на НАТО Столтенберг. Обновено снабдувањето со струја и вода во Киев. Руската стратегија да не втурне во темнина, нема да не скрши, вели Зеленски...

Обновено снабдувањето со електрична енергија и со вода во украинската престолнина. Локални власти се борат за целосно враќање на струјата во Киев. Претседателот Зеленски дециден, новата руска стратегија да ја втурне Украина во темнина, нема да ја ослабне решителноста на украинскиот народ.

„Издржавме девет месеци од војната и Русија не најде начин да нѐ скрши. И нема да го најде. Мора да продолжиме да се држиме вака и во иднина. Во единство и меѓусебно помагање“, порача украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Загриженост од Меѓународната агенција за атомска енергија поради исклучувањето на нуклеарните централи во Украина, од надворешно напојување со електрична енергија. Директорот Гроси, во видеопораката на Твитер, ова го нарече опасен преседан.

„Додека светот е фокусиран на опасната ситуација во Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа, не смееме да заборавиме на другите нуклеарни постројки во земјата. Вчера, за првпат, сите четири оперативни нуклеарни централи на Украина ја загубија надворешната енергија и беа исклучени од мрежата. Оваа невидена ситуација ќе беше незамислива пред само неколку месеци. Длабоко сме загрижени поради тоа“, изјави директорот на МААЕ, Рафаел Гроси.

Војната во Украина влегува во 10-от месец. Борбите и жестоките руски напади продолжуваат. Во бомбардирањето на Запорожје е уништена болница. Русија тврди дека не цели кон цивилни објекти. Борби се водат и во Херсонската област. Европската унија подготви девет пакети санкции за Москва. Зеленски ја повика Унијата да го задржи единството и да ја ограничи цената на руската нафта.

Маја Стојанова