Свет

Задушени антиковид протестите во Кина

29.11.2022 11:44

Зајакнати полициски сили во неколку кинески градови. Во Шангај поставени километарски бариери, во обид да се спречат протестите против строгите рестриктивни ковид-мерки. Револтираните граѓани во изминатите денови, побараа оставка од претседателот Кси Џинпинг …

Полицијата излезе на улиците на големите кинески градови за да спречи нови демонстрации против ковид-ограничувањата. Планираните протести во Пекинг не се реализираа, а во Шангај беа поставени големи бариери долж главната маршрута на демонстрантите. Мал протест во јужниот град Хангжу, бргу бил сопрен. Здравствените власти во Кина бараат начини, како да им го олеснат секојдневието на граѓаните без притоа да се предизвика здравствен ризик за популацијата.

„Граѓаните и пошироката јавност, велат дека главниот проблем е прекумерното спроведување на мерките за контрола и превенцијата и произволното наметнување на ограничувања. Некои реони ги проширија областите и луѓето што треба да се стават во карантин, а во некои региони без одобрение, случајно, го ставија целиот регион во карантин“, изјави Ченг Јукуан од Националната управа за контрола и превенција на болести.

Протестите во големите кинески градови почнаа по пожарот во станбена зграда во западниот град Урумчи, кога загинаа најмалку десет луѓе. Јавноста верува дека спасувачките екипи не интервенирале навреме поради ковид мерките. Демонстрантите побараа оставка од претседателот Си Џинпинг и демократија наместо диктатура. Владата потврди дека останува посветена на својата нулта-ковид стратегија и наскоро следува активна вакцинација, особено за постарата популација.

„Мораме да ги исправиме погрешните практики на произволно наметнување ограничувања и да обезбедиме услуги на луѓето за да ги задоволат нивните потреби. Ние исто така се залагаме за брза и активна вакцинација, особено на постарата популација“, изјави Ми Фен, портпарол на Националната здравствена комисија.

Американскиот претседател Бајден, внимателно следи што се случува на протестите во Кина. Од Вашингтон, велат дека Белата куќа се залага за правото на мирни протести.

Маријана Димовска