Руските сили го гранатираа Дњепар, нема повредени
Продолжуваат борби во Украина. Жестоки руски напади во областа Дњепропетровск. Претседателот Зеленски тврди дека 30 населени места во регионот Херсон биле гранатирани од руските сили во изминатата недела...

Руските сили истрелаа четири проектили кон Дњепар. Нема повредени. Според шефот на регионалната воена управа на Дњепропетровск, нападот предизвикал сериозна штета по што избувнал пожар, кој пожарникарите го изгаснале. Руските сили ја нападнале областа со ракетни фрлачи и тешка артилерија.
Претседателот Зеленски рече дека 30 населени места во регионот Херсон, биле гранатирани од Русија 258 пати, само во изминатата недела.
„Тие не се способни за ништо друго освен опустошување. Ова е сè што оставаат зад себе. А она што сега го прават против Украина е нивниот обид да се одмаздат. Одмазда, за фактот што Украинците постојано се бранеле од нив. Украина никогаш нема да биде место за уништување. Украина никогаш нема да прифати наредби од т.н.„другари“ од Москва. Ќе направиме се за да го вратиме секој објект, секоја куќа, секое претпријатие уништено од окупаторите“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Зеленски исто така, рече дека руската армија ја оштетила пумпната станица што го снабдувала Миколаев со вода.
Во меѓувреме, продолжуваат контролираните прекини на струја во Киев како неопходен чекор да се балансира нарушениот електроенергетски систем и да се избегнат други дефекти, истовремено обезбедувајќи електрична енергија за болниците и станиците за топлинска пумпа.
„Кога снема струја, морав да барам место со приклучок. Тоа може да се кафулиња што земаат енергија од други места“, вели.
„Очекувам Украина да победи, да бидам искрена. Се обидуваме да ги поправиме електраните, но некој повторно ја таргетира оваа точка. Тоа е проблем“.
Инаку, владите на Европската унија не успеаја да се договорат за ограничување на цената на руската сирова нафта. Полска инсистираше, границата да биде пониска од онаа што ја предложија земјите од групата Г7, и на тој начин да се намали способноста на Москва да ја финансира војната врз Украина.
Сè уште не е одреден нов датум за разговорите, иако механизмот за ограничување на цената треба да стапи на сила на 5-ти декември. Доколку до следниот понеделник нема договор за идејата за ограничување на цената, ЕУ ќе ги примени построгите мерки договорени на крајот на мај – забрана за увоз на руска сирова нафта од 5-ти декември и нафтени деривати од 5-ти февруари.
Марина Ристова
