Смртоносен судир меѓу навивачите на Франција и Мароко во Монпелје
Пресметката меѓу „Три-колорите“ и „Лавовите од атлас“ на Светското во Катар донесе немири низ неколку градови во Франција. 14-годишен навивач на Мароко бил прегазен со автомобил. Веднаш бил пренесен во болница, но лекарите не можеле да му помогнат. Маријана Димовска ги има информациите...

Наместо спортски да се признае поразот и да се прослави победата, навивачите направија хаос на улиците во Франција и Белгија, по фудбалскиот натпревар Мароко-Франција, на Светското првенство во Катар. Момче загина во Монпеље откако автомобил влета во група марокански навивачи. Полицијата врши увид. И покрај немилиот настан, фановите не ја кријат радоста за победата.
„Многу сум среќна за Франција. Но и горда сум на мојата земја. Мислам дека Мароко како прва држава во Африка и прва земја на Блискиот исток, тоа што го достигна и беше во полуфиналето, тоа е нешто на кое треба да бидат горди и среќни“, вели Лејла Банане, државјанка на Мароко.
„Среќни сме, имаме уште натпревари да не заборавиме. Барем ако сме трети, ние сме трети во светот“, рече Али Мидра, марокански државјанин.
Францускиот претседател Макрон, кој во Катар го следеше натпреварот со Мароко, не ги коментираше нередите во неговата земја.
„Мислам дека францускиот тим е добро подготвен. Имаме многу искусни и многу млади играчи. Мислам дека комбинацијата на двете е апсолутно неверојатна“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Немири и во европската престолнина Брисел. Околу стотина навивачи беа приведени поради нарушување на јавниот ред и мир, оштетување полициски возила и поседување забранети пиротехнички средства. Во белгискиот главен град живеат илјадници марокански доселеници, а стотина од нив приредија вистински хаос. Неколку лица беа уапсени и во нередите во Антверпен, исто така во Белгија.
Маријана Димовска
