Косово

Десетти ден блокади на Косово

19.12.2022 12:08

КФОР го зголеми присуството на северот на Косово. Белград незадоволен од меѓународната заедница. Ситуацијата на Косово е на раб на конфликт, оцени премиерката Брнабиќ...

Србите десетти ден на барикадите во Зевчан, Зубин Поток и Лепосавич поради апсењето на нивни сограѓани. Повеќето не очекуваат крај на кризата наскоро. Зголемено присуство на полицијата и војската има во мешаните средини и на преминот меѓу јужниот и северниот дел на Митровица. Основните училишта продолжија со настава, средношколците на онлајн часови.

„Овде сум поради потеклото, за сите Срби кои се свесни за својот идентитет. Нашиот идентитет е Косовско Поле, се знае што се случувало по битката за Косово. Ние сме овде, тие се овде. Нашата територија е овде, светата српска земја“.

„Дојдовме да пратиме порака дека ќе се бориме за Косово и Метохија, ова за мене е почетокот на третото српско востание“ – изјавија дел од демонстрантите.

Претседателот на Србија, Вучиќ утре на средба со командантот на здружените сили на НАТО, адмирал Стјуарт Манч.

„Брисел и Вашингтон ги слушаат Србите само кога се на барикадите, ситуацијата е доведена до работ на конфликт“, изјави премиерката Брнабиќ.

Белград изрази разочараност од меѓународната заедница и начинот на кој ги третира човековите права, основните демократски вредности и одговорот на постапките на косовскиот премиер Курти кон Србите.

„Така почна декември и привршува којзнае како, засега имаме над 16 брутални провокации, нарушувања на Бриселскиот договор, упади на до заби вооружени припадници на косовската полиција“ – додаде српската премиерка Брнабиќ.

За косовското МВР, последниот протест на Јариње е епизода на српско-руска хибридна војна.

„Овие актери, застапени од режимите во Москва и Белград, ги користат за пробивање на граничниот премин. Во последните неколку дена, други државни и недржавни играчи од овие две земји – единствените по Втората светска војна кои почнале војни во Европа – влегоа во Косово и сè уште се тука“, напиша министерот Џелал Швечла.

Маја С. Филдишев