Руско-украински конфликт

Украина од САД ќе добие систем за противвоздушна одбрана „Патриот“

22.12.2022 12:20

Противвоздушниот систем „Патриот“ е одбранбен. Испраќањето на Украина не е за ескалација на војната, тврди американскиот претседател Бајден. Зеленски во Конгресот пречекан со стоечки овации. Порача-нема компромис во војната со рускиот агресор. Путин возвраќа-интерконтиненталната балистичка ракета „сармат“ наскоро ќе биде спремна за распоредување...

Со силни овации и скандирања беше пречекан украинскиот претседател Зеленски во американскиот Конгрес. Во моќниот и емотивен говор пред конгресмените, тој зборуваше за пркосот и храброста на неговиот народ, но и за предизвиците со кои се соочува земјата. Се заблагодари за големата поддршка на сојузниците и за ветената финансиска, хуманитарна и воена помош од Вашингтон, која овојпат го вклучува и противракетниот систем „Патриот“. Вашите средства не се милостина, туку инвестиција во глобалната безбедност и демократија. Ќе победиме бидејќи сме единствени – рече Зеленски.

„Ова не е битка само за територија, за овие или оние делови на Европа. Овде не се води битка само за животот, слободата и безбедноста на Украинците или за секоја друга земја во светот која Русија сака да ја завојува. Оваа борба ќе одреди во каков свет ќе живеат нашите деца и внуци, оваа борба ќе одреди дали ќе опстане демократија- за Украинците, за Американците“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На крајот од говорот, тој на претседателката на конгресот Пелоси и го подари националното знаме со автограми од украинските војници кои се борат за одбрана на Бахмут. И на приемот во Белата Куќа, американскиот претседател Бајден со силна поддршка за Киев. Истакна дека Америка ќе остане со Украина колку што е потребно.

„Не се сомневам дека заедно ќе ја одржиме жива- светлината на слободата“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Ниту САД, ниту Украина не се подготвени за мир – реагира Кремљ по посетата на Зеленски на Вашингтон.

„Ниту еден збор не слушнавме кој ќе го предупреди Зеленски да не продолжи со варварското гранатирање станбени згради во Донбас. Немаше вистински повици за мир. Ова укажува дека САД продолжува со својата мисија – дефакто и индиректно да се борат со Русија до последен Украинец“, изјави Дмитриј Песков.

Посетата на Зеленски е прво патување надвор од границите на својата држава откако почна руската агресија во Украина.

Маја Стојанова