Српската армија и полиција во највисока борбена готовност
Борбената готовност на српската армија и полицијата е подигната на максимум. Србите од Косовска Митровица подигнаа две нови блокади. КФОР ги испитува ноќните престрелки. Курти најави отстранување на барикадите…

Напнатоста на Косово и регионот добива нови, поризични димензии. Борбената готовност на српската армија и полицијата е подигната на максимум. И, додека косовските Срби креваат нови барикади, Белград е подготвен за операција на безбедносните сили во Косово.
„Работиме и разговараме со претставниците на меѓународната заедница, со Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар и сите други. Разговорите во моментов се во тек. Да се бориме да најдеме некакво компромисно решение. Крајната цел на косовските Албанци е да ја протераат Србија од Косово, засекогаш, и затоа постои таа криминализација“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.
„Ситуацијата од ден на ден станува сè посериозна. Има сè повеќе тензии. Премиерот Курти почна да се заканува со човечки жртви, со агресивно отстранување на барикадите. Се надевам дека ќе има доволно разум, со меѓународните партнери да го спречиме тоа“, изјави Ана Брнабиќ, премиерка на Србија.
По состанокот на Советот за безбедност на Косово, властите во Приштина оценуваат дека владата и институциите не можат да водат дијалог со криминални банди и порачуваат дека слободата на движење мора да се воспостави. Косовскиот премиер Курти, во интервју за босански медиум, изјави дека барикадите на патиштата кои водат кон граничните премини со Србија ќе бидат отстранети во наредните неколку денови.
„Ние ја имаме полицијата на север, која е сега поприсутна од кога и да е порано. Но, ние имаме и 11 барикади. Овие барикади се нова епизода, по онаа првата, во која Србите добија наредба од Белград да ги напуштат сите косовски институции. Тие немаат креативност. Тие не знаат друго, освен да ги повторуваат грешките од 90-тите години, кога градеа барикади во Босна и во Хрватска“, изјави косовскиот премиер, Албин Курти.
Косовските Срби, на 10-ти декември поставија барикади кои водат кон границата со Србија, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција. Следуваше и инцидент во близина на базата на мировниците на КФОР, кога непознати лица отворија оган. Тамошните Срби не ги признаваат државните институции, додека Косово, го попречува формирањето на заедницата на српски општини.
Маријана Димовска
