Енергетика

Цените на производите нема веднаш да се намалат и покрај намалената цена на струјата

29.12.2022 12:04

Компаниите ќе добијат поевтина струја ама граѓаните ќе почекаат за пониски сметки на нивните производи. Владата ќе остави одреден период за прилагодување. Првиот блок на РЕК Битола е повторно во функција, ќе се санира и дефектот во РЕК Осломеј...

Малите компании на регулираниот пазар од Нова година ќе добијат поевтина електрична енергија за 20 проценти, но граѓаните можат да се надеваат на намалување на цените на нивните производи дури во февруари. Владата ќе даде период од еден месец да ги приспособат цените на производите откако ќе почнат да користат поевтина струја.

„Овие цени ќе стапат на сила од 1-ви јануари и тие првите сметки ќе ги добијат во текот на февруари. Така што ќе следиме во тој период откако ќе стапи на сила новата цена. И секако Владата има механизми за следење преку надлежните инспекторати за следењето на цените на производите и доколку осети дека трговците не ги намалуваат на своите производи, има механизми за ограничување на цените или на маржите како што се направени претходно“, изјави Виктор Андонов, советник за енергетика.

Од Владата смируваат дека и наредната година нема да има проблем со снабдување со електрична енергија и греење на домаќинствата во главниот град. Откако првиот Блок на РЕК Битола повторно е вратен во мрежа, а на третиот во тек е монтажата на трансформаторот, најмена е и фирма за санирање на оштетениот вентил во РЕК Осломеј од пожарот, и потоа и овој капацитет ќе биде приклучен на системот.

Ирина Гелевска