САД

Претставничкиот дом ни во третиот круг не избра претседател

04.01.2023 10:29

Кандидатот Кевин Мекарти од редовите на републиканците кои го преземаа мнозинството во овој дом, се соочува со противења и во сопствената партија...

И третиот обид да се избере претседател на претставничкиот дом во американскиот конгрес заврши неуспешно. Кандидатот Кевин Мекарти од редовите на републиканците кои го преземаа мнозинството во овој дом, се соочува со противења и во сопствената партија.

„Ако администрацијата не сака да ги реши овие проблеми, нè повикуваат нас луѓето да го сториме тоа, а тоа започнува овде во домот на народот. Да одговориме на предизвиците, не само републиканците, не само демократите, туку сите. Ајде да започнеме со избирање на Кевин Мекарти за наш следен спикер“, изјави Стив Скализ – републиканец од Луизијана.

Од потребните 218 гласови, Мекарти во првите два круга доби само 203, што е помалку дури и од демократот Хаким Џефрис.

„За прв пат во 100 години претставничкиот дом не успеа да организира на денот на отворањето. Тоа е тажен ден за претставничкиот дом како институција. Тоа е тажен ден за демократијата, тажен ден за американскиот народ. Демократите во претставничкиот дом се обединети, подготвени и способни да одат на работа во име на Американците секој ден“, изјави Хаким Џефрис – лидер на демократската група на домот.

Републиканците преку претставничкиот дом сакаат да се спротивстават на агендата на претседателот Бајден, за што мора да изберат нов претседател на овој дом. Без избор на спикер, претставничкиот дом не може да почне со работа, неговите членови не можат да положат заклетва, не може да се именуваат претседатели на комисии, ниту пак да се свикуваат состаноци и да се поведат истраги за администрацијата на претседателот Бајден.