89 руски војници загинаа во ракетен напад
Главната причина за нападот е неовластеното користење на мобилни телефони од војниците, со што ја откриле нивната локација...

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во украинскиот напад на Макиевка изминатиот викенд загинале 89 војници. Главната причина за нападот е неовластеното користење на мобилни телефони од војниците, со што ја откриле нивната локација.
„На 1 јануари артилеријата на вооружените сили на Украина лансираше шест ракети од ХИМАРС – ракетен систем за лансирање во привремената база на една од руските единици кај Макиевка. За жал, бројот на нашите паднати соборци се зголеми до 89 по расчистувањето на опструкцијата на армирано-бетонските конструкции. Заменик-командантот на полкот беше меѓу ненадоместливите кадровски загуби. Уништена е рампата за лансирање на ракетниот систем со повеќекратно лансирање, што го користеа украинските вооружени сили за гранатирање на Макиевка“, изјави Сергеј Севрјуков – заменик началник на главната воено-политичка управа на вооружените сили на Русија.
Украина тврдеше дека биле убиени околу 400 руски војници. Руското министерство додаде дека комисијата ги истражува околностите на нападот. Руските сили за возврат извршиле воздушни напади врз концентрација на воена опрема во близина на железничка станица во Донецк, при што загинале до 200 украински воен персонал и уништиле четири фрлачи на ХИМАРС и повеќе од 800 ракети.
Претседателот Зеленски рече дека Украина мора да ја зајакне својата одбрана пред руските планови за нова офанзива.
„Нема сомнеж дека денешните шефови на Русија ќе се обидат да ја променат ситуацијата на бојното поле или барем да го одложат нивниот пораз. Мораме да го исфрлиме од колосек тоа руско сценарио и се подготвуваме за тоа. Терористите мора да изгубат и било кој обид за офанзива што ќе го почнат мора да пропадне. Тоа ќе биде конечен пораз на терористичката држава“, додаде Зеленски.
Русија во текот на ноќта извела ракетни напади врз градот Дружкивка во делумно окупираната област Доњецк. Според властите, едно лице загинало, а уште едно било рането. Руско гранатирање било забележано и во Дњепропетровск.
Марина Ристова
