Нови инциденти на Косово, ЕУ со остра осуда
Српските власти соопштија дека на Божиќ е нападнато уште едно момче од Клокот, 18 годишниот Стефан Томиќ, кој бил претепан од група Албанци, додека со братот се враќал од полноќна литургија во црквата Св. Петар и Павле. Момчето се здобило со телесни повреди, а случајот е пријавен во полиција...

Нов инцидент на Косово. Српските власти соопштија дека на Божиќ е нападнато уште едно момче од Клокот, 18 годишниот Стефан Томиќ, кој бил претепан од група Албанци, додека со братот се враќал од полноќна литургија во црквата Св. Петар и Павле. Момчето се здобило со телесни повреди, а случајот е пријавен во полиција. Двете момчиња кон кои на Бадник беше пукано од возило во движење се во добра здравствена состојба. Напаѓачот веднаш беше уапсен, а ќе одговара за убиство во обид.
„ЕУ најостро го осудува пукањето во детето и младото момче во Косово. Важно е властите целосно да го истражат ова грозоморно злосторство и правдата да биде задоволена. На жртвите им посакуваме целосно опоравување“, изјави Питер Стано - портпарол на ЕУ.
Протестите и блокадите на патот Урошевац-Штрпце беа прекинати, но за утре напладне е најавен нов протест, за којшто организаторите велат дека треба да испрати порака да запре теророт и омразата.
„Целиот свет мора да го осуди овој инцидент. Обидот за убиство на нашите деца е дамка на лицето на меѓународната заедница. Токму поради оваа причина беше испратено барање до КФОР да се дозволи враќање на до 1.000 припадници на српските безбедносни сили на Косово и Метохија“, рече Петар Петковиќ- претставник на Србија.
КФОР одговори на барањето на Србија за враќање на припадниците на српската војска на Косово.. Косовскиот премиер Курти смета дкеа може да се постигне напредок во дијалогот меѓу Белград-Приштина, но само ако се зголеми притисокот врз Србија.
„Косово е нормална држава и направи голем напредок во последните две години...Тоа што Косово е нормална држава не значи дека и односите со северниот сосед се нормални. Потребен е договор со кој се нормализираат односите. Верувам оти тоа е можно бидејќи верувам во моќта на ЕУ и САД да извршат дополнителен притисок врз Белград“, изјави Албин Курти-премиер на Косово.
Тензиите на Косово одново се разгореа откако српските преставници ги напуштија косовските институции во ноември. Подоцна, локалните срби подигнаа барикади во знак на протест против апсењето на поранешен полицаец. КФОР ги остранти последните барикади на 29 декември.
Маријана Димовска
