Бразил

Истрага за нередите во Сао Паоло

10.01.2023 11:43

Над 1.500 лица приведени на протестите во Бразил. САД тврдат дека не добиле официјално барање за испорачување на поранешниот лидер Болсонаро. Вашингтон ја зазеде страната на новиот претседател Да Силва во период на насилните протести на екстремната десница...

Продемократски митинзи низ Бразил како одговор на насилните протести на симпатизерите на екстремната десница. Бараат затворска казна за поддржувачите на екс-претседателот Болсонаро кои ги демолираа владините институции, вклучувајќи ги Врховниот суд, Конгресот, претседателската палата.

„Мора да бидат казнети и тие и нивните шефови, оние кои им даваат пари. Бразил е повеќе од она што го видовме. Тие не се претставници на Бразил, туку сме ние.“

Министерството за правда истражува кој е финансиерот на стотиците автобуси кои ги донеле приврзаниците на Болсонаро во Бразилија. Досега се приведени над 1.500 лица. На социјалните мрежи ќе се блокираат сметките на корисниците кои ги поттикнувале нередите.

„Сакаат државен удар, ама тоа нема да се случи. Треба да научат дека демократијата е најсложената работа за нас бидејќи за неа е потребна поддршката за другите, таа нè принудува да живееме со луѓе кои не ни се допаѓаат и со кои не се согласуваме. Но таа е единствениот систем кој дозволува секој да има можност да ја оспори власта и секој што го добие правото да владее“, изјави Луиз Да Силва, претседател на Бразил.

„Граѓанските и воените институции ја разбираат важноста за заштита на уставот и демократијата. Заговарачите на пучот, терористите, криминалците не успеваат да го прекршат законот“, рече Флавио Дино, министер за правда и јавна безбедност на Бразил.

И додека неговите поддржувачи се пресметуваа по улиците на Бразил, Болсонаро од далеку ги следеше последните случувања. САД тврдат дека не добиле барање за негова екстрадиција од Флорида – чекор на кој се надеваат демократите – споредувајќи ги бразилските настани со оние во Капитол пред две години.

„Немаме директен контакт со Болсонаро така што не можеме со сигурност да зборуваме за неговата локација. Не сме добиле официјални барање од бразилската влада поврзани со Болсонаро“, рече Џејк Саливан, советник за национална безбедност.

„Лула побара истрага, познато ми е дека е во тек. Ги слушнавте и претседателот и министерот. Слушнавте и од советникот Саливан дека го осудуваме насилството. Насилството никогаш не е одговор. Бразилските демократски институции ја имаат нашата поддршка“, рече Нед Прајс, портпарол на Стејт департмент.

Левичарскиот ривал на Болсонаро се врати на власт по 12-годишна пауза по победата на вториот круг од изборите во октомври.

Маја С. Филдишев