Свет

ЕУ го осуди политичкото насилство во Бразил

11.01.2023 20:25

ЕУ во соопштение потсетува дека остварувањето на демократските права и слободи мора да се одвива со почитување на Уставот и на демократски избраните институции.

Високиот претставник за надворешна политика Жозеп Борел во име на Европската унија ги осуди „шокантните акти на политичко насилство и неприфатливиот напад врз демократијата” во Бразил и изрази солидарност со бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и бразилските институции во одбрана на демократијата.

Тој ги поздрави напорите да се истражат одговорните за нападите врз бразилската демократија и за вандалските дејствија врз јавниот имот и историското национално наследство.

ЕУ во соопштение потсетува дека остварувањето на демократските права и слободи мора да се одвива со почитување на Уставот и на демократски избраните институции.

Политичките разлики не можат да оправдаат кривични дела или да ги доведат во прашање резултатите од демократските избори. ЕУ ја повторува својата доверба во бразилската демократија и силата на нејзините институции. Нашето верување е дека ќе го надминат насилството и екстремизмот, се вели во соопштението.