Расте бројот на загинати во Дњепар, Путин задоволен од текот на војната
Десетици загинати и над 80 повредени. Околу 400 лица ги загубиле своите домови по нападот на станбена зграда во украинскиот град Дњепар. Зеленски бара воена помош. Путин вели дека „специјалната воена операција во Украина“ се одвива според планот на Министерството за одбрана на Русија...

Расте бројот на загинати од вчерашниот руски ракетен напад врз деветкатна станбена зграда во централниот украински град Дњепар. Властите соопштуваат дека има десетици загинати и над 80 повредени. Околу 400 лица ги загубиле своите домови. Од градот, прогласија тридневна жалост за, како што го нарекоа, најлошиот „терористички напад на Дњепар“ од почетокот на инвазијата на Русија во февруари.
„Спиев. Подот од куќата беше урнат. По половина час се подготвив, излегов во дворот, а луѓето само врескаа. Деца, жени, крвави луѓе се шетаа, полиција беше насекаде. Излегов, но подот од куќата го немаше“, вели жител на Дњепар.
„Ова е очигледно тероризам и сето ова едноставно не е човечко. Победата мора да се извојува на бојното поле, а не меѓу цивилното население“, рече жител на Дњепар.
Претседателот Зеленски рече дека руските напади можат да бидат запрени само доколку западните партнери ја снабдуваат Украина со неопходното оружје.
„Од повеќе од 30 проектили лансирани кон Украина, повеќе од 20 беа соборени. Тоа се стотици спасени животи. Им благодарам на нашите воздухопловни сили и на сите што помагаат. За жал, има и удари врз енергетско-инфраструктурни објекти. Во овој поглед, најтешка е ситуацијата во регионите Харков и Киев. Тимовите за поправка прават сè што е можно за да се врати производството и снабдувањето со електрична енергија што е можно поскоро, а работата ќе продолжи деноноќно. А непријателот дефинитивно ќе добие одговор на бојното поле“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска оцени дека „специјалната воена операција во Украина“ се одвива според планот на Министерството за одбрана на Русија. Молдавската гранична полиција пронајде фрагменти од ракета, за која се претпоставува дека е најверојатно од руските ракетни напади врз Украина. Тамошните власти изразија огорченост поради, како што наведоа, недостигот на почитување на суверенитетот на Република Молдавија и нејзиниот воздушен простор.
Александра Спировска
