Бројот на жртви во авионската несреќа се зголемува
Извлечени шеесет и осум тела на загинати по авионската несреќа во Непал. Авионот на „Јети Ерлајнс“ се урнал неколку минути пред слетувањето на аеродромот во Похара. Во него имало 68 патници и четворица членови на екипажот. Авионот, кој летал од главниот град Катманду кон Похара, изгубил контрола и паднал во клисура...

Патнички авион се урна и се запали во близина на аеродром во централен Непал. Постојано расте бројот на жртви. Авион на „Јети Ерлајнс“ летал од Катманду кон Похара кога се урнал при слетувањето и се запалил.
Портпаролот на авиокомпанијата изјави дека во моментот на несреќата во авионот имало 68 патници и четворица членови на екипажот. 15-мина биле странски државјани. Меѓу нив пет Индијци, четворица Руси, двајца Јужнокорејци и по еден од Ирска, Австралија, Аргентина и Франција.
Роднините се на аеродромот во Катманду во очекување на информации за нивните блиски. Премиерот на Непал го повика безбедносниот персонал и пошироката јавност да помогнат во спасувачките напори.
„Инцидентот беше трагичен, сите сили на непалската Армија и полиција се распоредени за спасување“, изјави Пушпа Камал Дахал, премиер на Непал.
Спасувачите, во меѓувреме, го пребаруваат местото на несреќата во близина на реката Сети, на околу 1,6 километри од меѓународниот аеродром Похара. За сега не се познати причините за падот на авионот.
Похара, лоцирана на 200 километри западно од Катманду, е портата на патеката Анапурна, популарна патека за пешачење на Хималаите. Според информациите меѓународниот аеродром во овој град започнал со работа пред само две недели.
Марина Ристова
