Кремљ: Тенковите од западот нема да го сменат текот на војната
Соединетите американски држави го советувале украинскиот државен и воен врв да ги повлече преостанатите единици од градот Бахмут, источен Доњецк. Претседателот Зеленски порача дека и натаму ќе се бори да добијат тешко вооружување...

Во американската воена база во Рамштајн, Германија, не е донесена одлука за праќање на тенкови „Леопард 2“ на Киев. Соединетите американски држави го советувале украинскиот државен и воен врв да ги повлече преостанатите единици од градот Бахмут, источен Доњецк. Претседателот Зеленски порача дека и натаму ќе се бори да добијат тешко вооружување.
Девет европски држави веќе дале ветување за ваква помош. ЕУ, во меѓувреме, бара правни механизми за конфискација на замрзнатите руски имоти. Кремљ порача – Западот живее во заблуда доколку мисли дека тенковите би го смениле текот на војната. Турција повторно понуди да биде посредник во преговорите меѓу Москва и Киев. Вашингтон најави нови санкции за групата Вагнер која ја обвини за купување севернокорејско оружје.
Руската паравоена група негира дека регрутирала Срби за да се борат против украинските сили, еден ден откако активисти поднесоа кривична пријава против организацијата во Белград. Јужноафриканската Република идниот месец ќе учествува во заеднички десетдневни поморски вежби со Русија и Кина. Најиндустријализираната економија на африканскиот континент е со неутрален став за војната, и не гласаше за ова прашање во ОН.
