Ескобар: ЗСО со или без Курти
Заедницата на српски општини ќе се формира, со или без премиерот Курти. По средбите во Белград и во Приштина, ваква директна порака испрати американскиот специјален пратеник за западен Балкан, Габриел Ескобар. Тој го потсети Косово на обврските коишто властите ги презеле и додаде оти од тоа не може да има отстапувања.

По средбите во Белград и Приштина, американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар испрати јасна порака до Косово – заедницата на српски општини ќе се формира, со или без премиерот Курти. Ескобар во интервју за гласот на Америка, истакна дека Курти не мора да се согласи зашто Косово веќе се согласило, и додаде дека едно лице или една страна не можат да се откажат од спроведувањето на законски обврзувачките точки.
„Меѓународната заедница очекува и бара од Приштина формирање на ЗСО“, предупреди Ескобар, кој рече дека е уверен дека тоа ќе се спроведе на терен.
„Една личност и една партија не можат да отстапат од спроведувањето на правно-обврзувачки точки и тоа е факт. Ние ќе го направиме тоа, јас ќе го направам тоа, така што ќе пронајдам партнери. Има многу луѓе кои сакаат да видат подобри односи меѓу Србите на северот и остатокот од земјата. Ние тоа ќе го направиме и прашање е во кој момент Косово ќе сфати дека меѓународната заедница тоа го бара од нив. Курти не мора да се согласи со тоа, Косово веќе се согласи“, изјави Габриел Ескобар, специјален пратеник на САД за Западен Балкан.
Ескобар неделава, заедно со европскиот посредник во дијалогот Мирослав Лајчак, како и претставниците на Германија, Франција и на Италија, разговараа со приштинската и српската делегација за француско-германскиот предлог за решавање на прашањето на Косово. Курти оцени дека европскиот предлог е добра основа за понатамошна дискусија. Вучиќ рече дека формирањето на заедницата на српските општини е предуслов за разговор, за враќање во институциите на Косово кои Србите ги напуштија и за некаква нормализација на состојбите. Наскоро треба да има нова средба во Брисел.
Мартин Пушевски
