Објавени номинациите за Оскар
За главниот Оскар за најдобар филм се натпреваруваат: "Триаголник на тагата", "Фабелманови", реалистичната воена приказна "На запад ништо ново", блокбастерите "Аватар - Патот на водата" и "Топ Ган - Маверик", приказната за кралот на рокенролот" Елвис", психолошката драма "Тар", научно фантастичниот "Сѐ во свое време", драмата "Духови на островот" и "Жените зборуваат".

Научно фантастичната драма "Сѐ во исто време" со Мишел Јео и Џејми Ли Кертис, освои 11 номинации за Оскар, а по 9 добија "На запад ништо ново" и "Духови на островот".
Полуавтобиографскиот филм на Стивен Спилберг „Фабелманови“ доби 7 номинации, меѓу кои за најдобар филм и режија. Инспириран од неговото детство, семејството и откривањето на светот на филмот, ова е досега најличниот филм на еден од најславните режисери во светот.
Меѓу деветте номинации за драмата "Духови на островот", приказна за едно прекинато пријателство на далечен ирски остров се за најдобар филм, режија Мартин Мекдона и актер, Колин Фарел.
Покрај Фарел, за најдобар актер номинирани се и Остин Батлер за „Елвис“, Брендан Фрејзер за „Кит“, Пол Мескал за „По сонцето“ и Бил Наи за „Живеење“.
Во трката за Оскар за најдобра актерка се Кејт Бланшет за "Тар" , Ана де Армас за "Русокоса" , Андреа Рајсбра за „За Лесли“, Мишел Вилијамс за "Фабелманови" и Мишел Јео за „Се' во исто време“, која влегува во историјата како прва азиска актерка номинирана во оваа категорија.
За најдобра споредна машка улога номинирани се Брендан Глисон и Бери Киоган за "Духовите на островот", Брајан Тајри Хенри за (Causeway), Џад Хирш за "Фабелманови" и Ки Хиј Куан за "Сѐ во исто време" .
За најдобра споредна женска улога номинирани се Анџела Басет за "Црниот Пантер - Ваканда засекогаш" , Хонг Чау за "Кит" , Кери Кондон за" Духови на островот", Џејми Ли Кертис и Стефани Шу за "Се' во исто време".
Четири од пет номинирани наслови за најдобар странски филм се извонредни европски остварувања, германскиот" На запад ништо ново", белгискиот "Блискост" , полскиот "ИО" и ирскиот "Тивката девојка". Петтиот номиниран е аргентинскиот "Аргентина, 1985".
Огромен успех постигна филмoт "Триаголник на тагата" во режија на Рубен Остлунд, негов прв филм на англиски јазик. Интелегентната и духовита приказна за класните разлики доби номинации за најдобар филм, оригинално сценарио и режија.
Покрај Остлунд, Мекдона и Спилберг, за најдобра режија номинирани се и Тод Филд за "Тар", како и Даниел Кван и Даниел Шајнерт за "Сѐ во исто време".
За главниот Оскар за најдобар филм се натпреваруваат: "Триаголник на тагата", "Фабелманови", реалистичната воена приказна "На запад ништо ново", блокбастерите "Аватар - Патот на водата" и "Топ Ган - Маверик", приказната за кралот на рокенролот" Елвис", психолошката драма "Тар", научно фантастичниот "Сѐ во свое време", драмата "Духови на островот" и "Жените зборуваат".
Кој ќе ја освои најценетата филмска награда во светот ќе видиме на 95-та Оскаровска церемонија, која ќе се одржи на 12-ти март во театарот Долби во Холивуд.
Миланка Рашиќ