Млад уметник на фронтот на македонската музичка авангарда

Миа Перевска ја промовираше „Follow“

25.01.2023 13:35

Младата уметница е комплетен автор на песната, таа е де факто мулти-инструменталист со оглед на тоа што сите инструменти во својата музика ги свири сама, а се потпишува и како автор на текстот кој ја раскажува музичката приказна насловена „Follow“.

Миа Перевска во нетипичен и денес се поредок формат одржа промоција на видео-спотот за песната „Follow“. Промоцијата се случи во „Котур“, со физичко присуство, а спотот беше проектиран на филмско платно.

Младата уметница е комплетен автор на песната, таа е де факто мулти-инструменталист со оглед на тоа што сите инструменти во својата музика ги свири сама, а се потпишува и како автор на текстот кој ја раскажува музичката приказна насловена „Follow“. Со оглед на тоа што Миа студира музичка продукција, таа е одговорна и за миксот на песната и тоа во придружба на нејзиниот татко Никола Перевски – Пере, додека пак мастерингот го издефинира Дарко Димитров.

Ненаметливо, но со јасна визија, Миа на публиката и претстави авангарден проект, полн музика, но исклучително заводлив и слушлив. Музиката во слика ја преточи Јован Куцин кој го реализираше видео спотот за „Follow“.

Со своето последно музичко парче Миа како млад човек на фронтот на македонската музичка авангарда испрати порака во знак на автентичноста, природноста и емоцијата како водечки принципи на патот на еден уметник.

Песната „Follow“, како и спотот за истата, на дигиталните платформи ќе биде достапна викендов, а веќе следниот викенд на 4-ти февруари Миа ќе настапи на овогодинешниот Земјотрес кој традиционално ќе се одржи во Младинскиот Културен Центар со почеток во 19ч. Како фестивал кој ја поддржува современата, активна и паметна македонска музичка младост, Земјотрес и годинава нуди богата програма во чијшто склоп, покрај Миа, ќе настапат бројни алтернативни артисти и состави, како АудиоЦигла, Димиш, Дина Јашари и другари, Фулиш Грин, КЕМ, Мирко Попов, Преку ред и многу, многу други.