Израел

Нетанјаху: силен, брз и прецизен одговор на тероризмот

29.01.2023 12:37

Израелскиот премиер, Нетанјаху најави „силен“ и „цврст“ одговор на тероризмот, по палестинските напади. Блинкен утре и задутре во Ерусалим и Рамала во обид за смирување на тензиите...

Кабинетот за безбедност на Израел, одобри мерки со кои на граѓаните ќе им биде дозволено да поседуваат оружје. Премиерот Нетанјаху вети силен и брз одговор по нападите во Источен Ерусалим во кои беа убиени седум луѓе. Израелските сили се во состојба на готовност, а војската соопшти дека го зголемува присуството на Западниот Брег, нападите во источен Ерусалим следат по смртта на девет Палестинци во операцијата на израелската армија во Џенин, на Западниот Брег. Палестинската управа смета дека Израел е единствено одговорен за опасната ескалација.

„Нашиот одговор ќе биде силен, брз и прецизен. Кој ќе се обиде да не повреди – ние ќе го повредиме него и секој што ќе му помогне. Веќе извршивме апсења на поддржувачи, помошници и поттикнувачи на терористите“, изјави Бенјамин Нетанјаху-премиер на Израел.

На членовите на семејствата на напаѓачите ќе им се одземаат жителството и социјалните права. Побарано е и домовите на палестинските напаѓачи да бидат запечатени, а дивоградбите урнати. Минатата година, израелските власти срамнија 784 палестински објекти на окупираниот Западен Брег бидејќи немаа израелски дозволи.

„Покрај прашањето за пломбирање на домовите, тука е и прашањето за рушење на дивоградбите во Источен Ерусалим. Полицијата во наредните денови треба да ги урне домовите кои се бесправно изградени“, рече Итамар Бен Гвир-министер за национална безбедност.

Ремонт на правосудниот систем во земјата е на главната агенда на новата влада, што поттикна протести на Израелците кои велат дека предложени мерки ќе го ослабат Врховниот суд и ќе го поткопаат правосудниот систем.

„Ние во Тел Авив протестираме против обидот израелската да се претвори во шуплива демократија. Израелската влада се обидува да донесе пакет закони што ќе ги фрлат Израелците во многу темно место“, изјави Роин Јумен-организатор на протестот.

„Роден сум во демократија и не можам да живеам во недемократска земја. Ние се бориме за демократија“, рече Јорам Сагир-демонстрант.

Случувањата во Израел внимателно ги следи меѓународната заедница. ООН и ЕУ повикаа на смиреност. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен утре и задутре пристигнува во Ерусалим и Рамала, каде што ќе разговара за мерките за деескалација на тензиите.

Маријана Димовска