Сирени за воздушен напад во Киев и други украински градови пред средбата на врвот ЕУ-Украина
Сирени за воздушен напад се огласија низ цела Украина и главниот град Киев каде што денеска се одржува самитот со Европската унија...

Сирени за воздушен напад се огласија низ цела Украина и главниот град Киев каде што денеска се одржува самитот со Европската унија. Земјите членки дискутираат за одговорот на Унијата на конфликтот, реконструкција и помош, глобалната безбедност на храната и апликацијата на Украина за пристапување во ЕУ. Според претседателот Зеленски, Украина заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ оваа година.
„Нема да оставиме ниту една агресивна акција на окупаторот без наш одговор. Непријателот е во фаза кога поразот е веќе јасен. Нашата интеграција мора да му даде енергија и мотив на нашиот народ да се бори со какви било пречки и закани. Верувам дека Украина заслужува да започне преговори за членство во ЕУ оваа година“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Вчера шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави дека во Хаг ќе се формира Меѓународен центар за гонење на злосторствата во Украина. Испратена силна поддршка за украинскиот народ и најавени нови санкции за Москва.
