САД-КИНА

Кинески шпионски балон забележан над американскиот воздушен простор

03.02.2023 12:37

Пентагон тврди-кинески шпионски балон забележан над американскиот воздушен простор. Последен пат е регистриран на небото над Монтана, во близина на воената воздушна база Малмстром, каде што се сместени силоси со нуклеарни проектили. Пекинг не презеде одговорност, кинеските власти велат дека ја проверуваат ситуацијата...

Пентагон тврди – кинески шпионски балон го надлетува американскиот воздушен простор. Објектот за првпат бил регистриран во среда и оттогаш внимателно се следи. Од американското министерство за одбрана велат дека борбени авиони се подготвени доколку Белата куќа нареди балонот да биде соборен. Последен пат беше потврдено дека балонот е над небото над Билингс, Монтана, во близина на воената воздушна база Малмстром, каде што се сместени силоси со нуклеарни проектили.

„Балонот патува на надморска височина над комерцијалниот воздушен простор и не претставува воена или физичка закана за луѓето на теренот. Случаи со ваков вид на активност на балон биле забележани претходно во текот на изминатите неколку години“, изјави бригаден генерал Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.

Инцидентот се случува неколку дена пред планираното патување на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Пекинг, прва посета на Кина на високо ниво од 2020 година. Кинеските власти не презедоа одговорност за балонот, велат дека ја проверуваат ситуацијата.

„Кина е одговорна земја и секогаш строго ги почитувала меѓународните закони. Кина нема намера да ги нарушува територијата и воздушниот простор на која било суверена земја. Што се однесува до балонот, ја разгледуваме и проверуваме ситуацијата и се надеваме дека двете страни ќе можат да се справат заедно со ова мирно и внимателно“, истакна Мао Нинг, портпарол на Министерство за надворешни работи на Кина.

И Канада соопшти дека следи потенцијален втор инцидент кој вклучува набљудувачки балон, но нема информација која земја би можела да стои зад него.

 

Маријана Димовска