Добрососедство

Каменуван македонскиот клуб во Благоевград, се трага по сторителите

05.02.2023 13:18

Каменуван македонскиот клуб во Благоевград. Синоќа било искршено стаклото на влезот, полицијата извршила увид. За Македонската телевизија членовите велат дека четири месеци откако е отворен, немале закани ниту проблеми во работата. Се чувствуваат безбедно и чекаат надлежните да ги откријат сторителите…

Четири месеци по отворањето, македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, вчеравечер е каменуван. Нападот се случил околу 21 часот, а информацијата до членовите на македонскиот клуб пристигнала од сопственикот на просторот во којшто е сместен. Случајните минувачи ја повикале и бугарската полиција.

„Штетата е направена со два големи камења на влезната врата и предното стакло на клубот. Јас дојдов да видам рано околу 6 часот и 30 минути и не влегов во клубот оти видов дека е каменуван. Потоа зедов некои важни документи. Клубот не е обезбеден од полицијата и во него може да се влезе. Без полицијата да го реши случајот и да најде кој е виновен, ние немаме средства да го поправиме и повторно да го отвориме“, вели за МТВ Јордан Грозданов, Македонски културен клуб-Благоевград.

Членовите на македонскиот културен клуб велат дека досега немало проблеми со работата на клубот и немало закани. Нападот и оштетувањето се случува по забраната за неколку бугарски државјани да влезат во Македонија за чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев.

„Тоа што не пуштија бугарски државјани да влезат во Македонија, според мене е правилно од гледна точка што тие луѓе што не ги пуштија се неодговорни затоа што зборуваат невистини и без никаков обѕир. Така што, недозволувањето да влезат во Македонија е еден сигнал за тие луѓе да си направат ревизија на своето однесување“, смета Атанас Мазнев, Македонски културен клуб-Благоевград.

Македонците во Бугарија коишто го отворија Македонскиот културен клуб во Благоевград велат дека се чувствуваат безбедно и имаат верба во надлежните за откривање и санкционирање на сторителите.

Ирина Гелевска