Се зголемува бројот на жртви во земјотресите во Турција и Сирија
Од ден на ден расте бројот на жртви од разорните земјотреси во Турција и во Сирија. Бројката на загинати надмина 20 илјади. Лошото време и ризикот од нови афтершокови ја отежнуваат спасувачката мисија. Помош стигнува од сите страни на светот. Илјадници семејства останаа без покрив на главата и основни услови за живот...

Повеќе од 21.000 луѓе загинати во разорниот земјотрес што ги погоди јужна Турција и Сирија. Спасувачите од 65 земји петти ден трагаат по преживеани. Според последните податоци во Сирија животот го загубиле над 3.000 луѓе, а бројот на повредени надмина 8.000.
Живи луѓе се извлекуваат и по 90 часа под урнатините. Десетгодишно девојче во провинцијата Хатај е извлечено од под урнатините 90 часа по земјотресот, а двегодишно момче е спасено во Антакија 79 часа по земјотресот.
Кина обезбеди итна хуманитарна помош за областите погодени од земјотресот.
„По пристигнувањето во Турција, кинескиот спасувачки тим веднаш се упатил кон тешко погодениот град Антакија, град во провинцијата Хатај. Ноќта, Владата на специјалниот административен регион на Хонгконг исто така, испрати тим за пребарување и спасување од околу 59 луѓе за да помогне во спасувачките напори во областите погодени од земјотресот во Турција. Исто така забрзана е и реализацијата на проектите за помош во храна за Сирија“, изјави Мао Нинг, портпаролка на МНР на Кина.
Бројот на загинати може дополнително да расте. Спасувачите се во трка со времето, но со секој час се намалуваат шансите да се најдат преживеани. Во Турција се урнати околу 6.500 згради, а многу се оштетени во зоната на земјотресот, која погодува околу 13 милиони луѓе.
СЗО стравува од голема здравствена криза, особено поради ширењето на колерата во Сирија. Стотици илјади луѓе останаа без покрив над главата среде зима.
Жителите на градот Ал – Тул во Сирија, кој беше погоден од земјотресот се соочија со нова катастрофа кога мораа да го напуштат градот бидејќи надојдените води на реката Оронтес почнаа да се прелеваат и го поплавија регионот.
Земјотресот е седма најсмртоносна природна катастрофа на векот, по цунамито во Јапонија во 2011 година и земјотресот во Иран во кој загинаа 31.000 луѓе.
Марина Ристова
