Трудо: Соборен неидентификуван објект над Канада
Американски воен авион собори неидентификуван објект над Канада. Ова е трет инцидент во само 10-ина дена. Премиерот Трудо соопшти дека леталото го нарушило канадскиот воздушен простор. Ги увери Канаѓаните дека се безбедни...

Нов ден, ново инцидент со летало над Северноамериканскиот континент. Премиерот на Канада, Џастин Трудо соопшти дека по негова наредба, американски воен авион соборил неидентификуван објект што летал високо над северна Канада, само неколку часа откако Вашингтон јави за слична акција над Алјаска. Трудо на Твитер напиша дека леталото го нарушило канадскиот воздушен простор, па во соработка со американската команда на Норад биле подигнати канадски и американски авиони, по што американски ловец Ф-22 го соборил леталото.
„Сакам да ги уверам сите Канаѓани дека се безбедни. Нема причина да се верува дека ова треба да ја загрижи јавноста. Канадските вооружени сили ќе извршат анализа на соборениот објект“, изјави Анита Ананд, министерка за одбрана на Канада.
Ананд појасни дека ова е за првпат Норад да собори објект во канадскиот воздушен простор и посочи дека ќе продолжат блиску да соработуваат со Американците. Откако претходно имаше инцидент со кинеско летало на САД, новинарите ја прашаа министерката дали можеби станува збор за ист случај. Таа не сакаше да шпекулира, но откри дека има сличности.
„Ние ќе направиме анализа на објектите којашто ќе биде темелна. Не би било внимателно од мене да шпекулирам за потеклото. Но, ќе продолжиме блиску да соработуваме со нашите партнери од Норад и САД и бидете сигурни дека ќе ги провериме сите аспекти. Сите индикации покажуваат дека објектот е сличен на оној што беше соборен крај брегот на Северна Каролина, иако е помал и со цилиндричен објект“, изјави Анита Ананд, министерка за одбрана на Канада.
Комбинираната канадско – американска операција резултираше со соборување на леталото, кое се наоѓало на висина од 13 илјади метри над Јукон. Ова е трет инцидент во само 10-ина дена. Првиот резултираше со нарушување на односите меѓу САД и Кина и откажување на посетата на државниот секретар Блинкен на оваа земја. Вашингтон тврдеше дека балонот бил за шпионажа, а Пекинг објаснуваше дека станува збор за цивилно летало.
Мартин Пушевски
