Изложба

ДЛУМ: Изложба „Поместени граници“

23.02.2023 09:16

Како дел од годишната програма на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, ќе биде отворена изложбата „Поместени граници“. Ова е традиционална изложба која годинава се одржува по седми пат...

Како дел од годишната програма на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), вечерва во изложбениот простор на АРМ во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Поместени граници“. Ова е традиционална изложба која годинава се одржува по седми пат, а темата е со наслов „Каде е границата …?“.

„Поимот граница, асоцира на некаков вид физичка, замислена, природна, вистинска, политичка или емотивна барикада која означува крај а воедно и почеток на нешто ново поразлично структурно, емотивно и концептуално. Сведоци сме дека границите низ историјата се раѓаат, го достигнуваат максимумот, полека го губат значењето и на крај исчезнуваат, а потоа повторно се создаваат нови граници, кои имаат за цел да означат почеток на нешто ново, дистанцирајќи се од концептот од „другата страна“. Во уметноста границата во последно време го губи своето значење. Фактот што мултилатералниот и интердисциплинарен пристап на уметниците во конотација натехничката изведба и пристапот кон реализацијата и поставеноста на делата се повеќе е присутен, ја проширува границата или оди отворено без неа. Низ самиот процес на поместување на границата, уметникот, го поставува прашањето и поставува дилеми, постојат ли граници и КАДЕ Е ГРАНИЦАТА.? Дали ја чувствуваме? Дали доволно делуваме да ги срушиме границите? Нашата мисија како уметници е постојана“, се наведува од ДЛУМ.

На изложбата учествуваат 22 автори членови на ДЛУМ и тоа: Марија Мицова Гацова, Јана Луловска, Татјана Миљовска, Ема Петрова, Борче Богоевски, Слободан Живковски, Иво Пецов, Шќипе Мехмети, Марија Чепишева, Златко Глигоров, Стефан Јакимовски, Ана Спасова, Петар Миљковиќ, Ангел Димовски Чауш, Ацо Таневски, Стефан Младеновски, Ѓорѓи Динев, Душан Георгиевски, Нела Јанковска, Златко Бојковски, Зулејха Зибери Али, Љупчо Бојаров.

Изложбата ќе биде отворена до 4 март 2023 г. а е реализирана со финансиска поддршка од Министерство за култура на Р.С.Македонија.

 

 

*Фото: ДЛУМ