Тешка руска артилерија врз Бахмут, тврдат украинските власти
Жестоки битки во Бахмут. Градот е под постојани руски гранатирања. Украинскиот претседател Зеленски повторно побара модерно оружје. За Кремљ, треба да се земат предвид новите територијални реалности...

Воената ситуација околу градот Бахмут станува сè потешка. Бранителите се спротивставуваат на немилосрдното гранатирање и тешката артилерија на Русија, чија цел е да го заземе целиот регион Донбас, тврдат украинските власти. Потребни ни се модерни борбени авиони за да ја заштитиме Украина од рускиот терор, вели Зеленски.
„Во Бахмут ситуацијата станува се потешка. Нашите воини кои го бранат секторот Бахмут се вистински херои. Благодарен сум на секој кој им помага на нашите воини и прави се за да се осигураме дека нашите бранители имаат што е можно повеќе оружје, оружје со долг дострел, моќно оружје!“- изјави украинскиот претседател, Володомир Зеленски.
Градот којшто стана симбол на отпорот е под постојан оган. Украинскиот Генералштаб соопшти дека временските услови им се неочекуван сојузник. Топлото време го омекна замрзнатото тло што ги успорува руските војници, но сепак во теренската болница постојано пристигнуваат ранети војници.
„Моите лекари работат без престан. Има многу работа“, изјави Анатолиј, началник на медицинска служба.
„Имавме група од седум лица. Останаа шестмина. Нашата група „Алфа“ ги издржа своите позиции“, рече Витали, украински војник.
Откако Кина го објави „Мировниот план“ од 12 точки во кој се повикува на примирје, Кремљ го повтори својот став за тоа како може да се стави крај на војната. Русија нема да се откаже од своите барања за четири украински региони – Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон и треба да се земат предвид новите територијални реалности и приоритетот за постигнување на целите на руската „специјална воена операција“.
„Постојат одредени реалности, кои станаа внатрешни работи на Русија. Има одредени цели што Москва ги постигнува во текот на специјалната воена операција. Нормално, во поволни услови и доколку украинската страна покаже соодветен став, тоа може да се реши на преговарачка маса. Но, во овој случај најважно е да ги постигнеме нашите цели. Тоа е наш безусловен приоритет“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Претходно, Русија ги обвини САД за заговор и провокација со наводите за употреба на хемиско оружје во Украина.
Маријана Димовска
