Украинскиот парламент денеска заседава за судирите во Славјанск

06.05.2014 13:35

Мирно утро во Славјанск по вчерашните крвави судири во кои загинаа четворица украински војници, а дваесетмина беа повредени.

Министерот за внатрешни работи Арсениј Аваков посочи дека во антитерористичката акција има жртви и меѓу проруските сепаратисти, но и цивили.

„Триесетина терористи се убиени, тие војуваат против нас, ја напаѓаат нашата територија и затоа ние мораме да ги елиминираме. Нашата тактика е пополека да ја завземаме територијата и да го спасиме мирното население“, изјави Аваков.

Затворен е аеродромот во Доњецк, нема информации кога повторно ќе биде отворен. Германската Влада ги предупреди своите граѓани да ја напуштат земјата од безбедносни причини. Украинскиот парламент денеска ќе заседава зад затворени врати за судирите во Славјанск.

„Единствено што ни остана е да се надеваме, да се молиме на Бога“, вели жител на Славјанск.

Гувернерот на Луганск, Валериј Болотов одобри на 11-ти мај да се одржи референдум за автономија. Молдавија е во состојба на воена готовност по ескалацијата на насилството.

Во Виена на Советот на министри,  средба на шефовите надворешни работи на Русија и Украина, Лавров и Дешчица, каде се очекува главна тема на разговорите да биде кризата меѓу двете земји.

Според медиумите Лавров доаѓа со „белата книга“ во која на 81 страна се сублимирани сите кршења на човековите права од страна на официјален Киев. Федералното обвинителство на Швајцарија потврди дека ги замразнало сметките на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович и луѓето од неговото опкружување за износ од околу 170 милиони швајцарски франци.

 

 

Марија Петковска